NSA-008 Зградата на NSA во Форт Мид (Fort Meade), Мериленд

Често се осврнувам на тоа како државните разузнавачки агенции ширум светот ги шпионираат своите граѓани и ја загрозуваат нивната безбедност на интернет, при што претежно се фокусирав на корозивниот ефект кој масовното набљудување го има врз приватноста на обичните граѓани. Веќе е широко познато дека владата на САД масовно собира податоци за своите граѓани, вклучувајќи податоци за телефонски разговори, е-маил пораки и многу повеќе.

Сепак, штетата која ја предизвика НСА е толку голема, што негативните ефекти се прелеаја врз целокупната светска економија, а сериозно е оштетена и интернет безбедноста. Американските компании се соочуваат со намалена продажба во странски земји, како резултат на атмосферата на недоверба која владее во меѓусебни односи на САД со другите земји, по откривањето на соработката на американските компании со владините разузнавачки служби на САД. Загрижувачки е и тоа што овој корозивен ефект има разорни последици врз разни демократски процеси, како на пример новинарството, кое претпре огромна штета како резултат на нелегалните методи на интрузија врз протокот на информации кои новинарите се обидуваат да ги пренесат во јавноста.

Истражувањето спроведено од American Civil Liberties Union (ACLU) и Human Rights Watch со наслов „With Liberty to Monitor All”, покажа дека набљудувањето несомнено ја поткопува медиумската слобода и правото на слободен пристап до информации на јавноста и предизвикува себе-цензура кај американските новинари. Според ова истражување, во чии рамки биле интервјуирани повеќе од 50 новинари од реномирани медиуми (New York Times, Associated Press и др,), доверливоста на информациите е практично уништена. Новинарите се приморани да преземаат дополнителни чекори за да ги заштитат своите извори, употребувајќи енкрипција и често одбегнувајќи средби во живо со своите извори на информации. На овој начин, тие се спречени брзо и ефикасно да известуваат за прашања од јавен интерес, плашејќи се дека се набљудувани, како и дека ќе бидат кривично прогонувани од властите (што впрочем го очекува и Сноуден доколку се врати во САД).

Ако не сум во можност да известувам без да можам да го заштитам својот извор, тогаш нема да известувам“ – Џонатан С. Ландеј, McClatchy Newspapers

Дополнително, повеќе новинари известуваат дека се приморани да делуваат како шпиони, за да ги заштитат доказите кои ги добиваат од своите извори. Техниките кои тие најчесто ги употребуваат се енкрипција и компјутери без можност за пристап до интернет, а многу често комплетно одбегнуваат електронско комуницирање. Ваквите техники значајно ги забавува новинарите во нивните напори да и достават информации на јавноста, кои пак на овој начин се оневозможени да добиваат ажурирани податоци за активностите на нивната влада. На крајот, новинарите се чувствуваат како да прават нешто погрешно, во обид да ја заштитат доверливоста на своите извори.

Истото важи и за адвокатите. Во ера на несигурност и недоверба, како можат адвокатите ефикасно да ги заштитат своите клиенти, кога не можат да гарантираат дека ќе биде зачувана доверливоста на односот адвокат-клиент? Во таква атмосфера на недоверба, ниту адвокатите ќе можат ефикасно да си ја вршат својата работа, ниту пак ќе наидат на соработка од своите клиенти, кои од страв дека ќе бидат „откриени“, не се во можност ефективно да се заштитат себеси, а и своите најблиски.

Во доба каде постои сеприсутно и масовно набљудување, и зголемување на перфидноста со кое се врши ова набљудување (дронови, закана со затвор итн.) еродира приватноста. А кога еродира приватноста, тогаш еродираат и демократските процеси кои се темел на едно здраво демократско општество.

Претходна статијаMicrosoft ќе воведе можност за разговор во Office Online апликациите
Следна статијаЕлектронските цигари можен извор на малициозен софтвер ?