E-cigarette

Обично кога се пишува за електронските цигари, се пишува нешто поврзано со актуелната дебата околу тоа дали тие се подобри за вашето здравје од обичните цигари или не. Се разбира целта на оваа статија не е да навлеземе во таа дискусија, можеби во друга прилика.

Според информациите објавени од страна на корисник на Reddit кој што се претставува како дел од ИТ секторот во компанијата каде што работи, еден од директорите на компанијата го има заразено својот компјутер со малициозен софтвер преку неговата електронска цигара. Потврда дали ова навистина се има случено нема, но може да се претпостави според начинот на кој што се прават овие цигари.

Се верува дека тврдењето е возможно, посебно по откривањето на BadUSB пропустот кај USB стандардот. Овој пропуст овозможува директно кодирање на малициозен софтвер во firmware-от од USB уредот, односно не само стикчињата кои што се користат за складирање на податоци. Доколку заразениот USB уред биде приклучен на компјутер, истиот нема начин како да биде заштитен поради тоа што било кој од безбедносниот софтвер нема можност за скенирање на овој дел од уредот.

Електронските цигари, барем дел од нив, имаат можност да бидат наполнети преку USB кабел, што овозможува нивно полнење покрај директно во ѕидот и преку компјутерот, односно како и било кој друг уред како мобилните телефони на пример. Според информациите од корисникот на Reddit, неговиот директор има закачено малициозен софтвер преку неговата нова електронска цигара, барем така верува ИТ секторот на компанијата кој што ги има проверено сите други можни извори на проблемот.

Според претставник на една компанија за производство на електронски цигари за The Guardian, корисниците треба да ги купуваат нивните цигари од познати компании. Ваквите случаи се можни, посебно од уреди купени од кинеските компании.

Извор: Ubergizmo, The Guardian, Reddit

Претходна статијаКако NSA го осакати светското новинарство
Следна статијаГлобалното затоплување може да донесе до повеќе громови и други електрични празнења
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.