Piracy_59bc5a_1856446

Немам обичај да започнувам текстови со негативен тон, но овој пат ќе направам исклучок. Имено, ако нешто ме вади од такт е кога интелектуалната нечесност (пр. користење термини и концепти кои не се соодветни, но ви одговораат на целта која сакате да ја постигнете) е длабоко вкоренета во вообичаената терминологија на самата тема на дискусија. Имам чувство дека ова е случај кога се зборува за интелектуална сопственост.

Чувството ми е дека поддржувачите на интелектуалната сопственост користат добро селектирани термини кои самите по себе создаваат негативна слика кај слушателот и морална одбивност кон „пиратите“ на идеи. На пример, што ви текнува кога само ќе го изговориме зборот „пират“? На разбојници на брод кои не само што не ги почитуваат законите туку немаат никаква почит кон туѓата сопственост, на пљачкање и уништување?! Зошто се користи волку суров термин за луѓе кои прават копии од одредено дело?!

Да се вратиме малку во историјата на интелектуалната сопственост да видиме од каде потекнува овој клучен термин во дискусиите за интелектуалните права.

Според еминентниот историчар, Патрисија Сид, патентите и авторските права имаат потекло од:

бујната фантазија на суверените (монарх и сл.) кои се обидувале да ја добијат наклонетоста на трговците и уметниците. „Патентираните писма“ и подоцнежните авторски права биле ексклузивни монополски „права“ кои штителе разни производи и услуги (и нивните автори или изведувачи) за одреден временски период.

Главниот противник на концептот „интелектуална сопственост“, Стефан Кинсела дообјаснува дека „патентираните писма“ најпрвин биле искористени од Британската Кралица за да им овозможи на одредени поединци да станат „приватњаци“ [на англиски: privateers] кул термин за легализирање на пиратството. Со овој грант од Круната „приватњаците“ имале „монополска моќ буквално да вршат пљачки за одреден временски период со кралски благослов“ на странски „непријателски“ бродови. Стефан Кинсела го наведува примерот со Френсис Дрејк кој добил „патентирано писмо“ во 1587 г.  Со ова тој имал право да врши пиратски дејствија, но, морал дел од колачот да и предава на Кралицата.

По краткиот развој на овој монополски грант од монархот, „патентираните писма“ еволуирале во модерните патенти. Иронијата да е поголема, првиот закон кој се донел во врска со патентите се викал „Статут на монополи од 1624“.

Не сакам да звучам параноично но, свесно или несвесно, мислам дека терминот пират/пиратерија кога се зборува за интелектуалните права не е случајно избран и мислам дека е т.н. „двојна терминологија“.

Зошто воопшто се користи „двојната терминологија“? Повеќето веќе очекувате, доколку сте запознаети со темава, дека ќе се повикам на кој друг ако не, на г-динот Ерик Блер (1903-1950) или попознат како Џорџ Орвел. Г-дин Орвел ќе ни објасни преку неговото познато дело „1984“, во кое, во еден дел протагонистот Винстон Смит си размислува за својата состојба додека е под силна контрола на Партијата:

паѓаш во лавиринт на светот на „двојни концепти“. Да знаеш и да не знаеш, да бидеш свесен за целосната вистина додека внимателно конструираш невистини, да имаш истовремено два ставови кои се контрадикторни, да знаеш дека се контрадикторни и да веруваш и во двата, да користиш логика против логика, да веруваш дека демократијата е невозможна и дека Партијата е сржта на демократијата, да забораваш што и да е неопходно да се заборави, потоа да го враќаш заборавеното кога е потребно за ситуацијата, и потоа веднаш пак да го забораваш; и најстрашно од се, постојано да го повторуваш истиот процес… Дури и за да го разбереш терминот „двојна терминологија” потребно ти е да користиш „двојна терминологија“.

Дали сум во право кога велам дека ова е случај со интелектуалната сопственост ќе видиме откако ќе одговориме на следниве две клучни прашања во наредните текстови:

  1. прво, дали интелектуалната сопственост е „природен“ концепт, продолжеток на правото на сопственост или пак истиот е монополска привилегија која го прекршува ова право; и
  2. второ, дали интелектуалните права влијаат позитивно или пак негативно врз економскиот развој.

 

Извор на слика: http://www.funnyjunk.com/funny_pictures/1856890/Piracy/

Претходна статијаAsus ZenFone 2 – Телефон со 4GB RAM и Intel Atom процесор
Следна статијаBelty е паметен ремен кој се прилагодува на вашата половина