Фото од Rain Carnation преку Pixabay

Без разлика на политичките убедувања, било кој ресурс треба да биде на некој начин управуван. Потребни се правила на игра за користење на било што – кој, кога, како нешто се користи. Вообичаено, ова се прави преку регулирање на правата на сопственост – дури и во случаи на „јавна сопственост“, ресурсот (дали се реки, езера, паркови, што и да е) се става во одредена контрола преку концептот на сопственост.

Во случаи каде што нешто е оставено надвор од овој концепт, или е во „јавна“ сопственост, но реално не се контролира, имаме често „трагедија на општественото“ (tragedy of the commons). Тоа е ситуација во која на хартија нештото е на сите – а реално не е на никој. Во вакви околности, никој нема особено интерес да се грижи за долгорочната вредност на ресурсот. На пример, зеленилото во општините. Иако е на „сите“, „општинско“, секојдневно се уништува со нови згради бидејќи ќарот од нова зграда е концентриран, а бенефитот од зеленило е широко дистрибуиран и никој нема посебен поттик да се грижи за него. И за неполни 20 години останавме без зеленило кое игра огромна социјално-друштвена и еколошка улога.

Либертаријанците долго време се залагаат за приватизација на сите ресурси обвинувајќи ја државата како неефикасен и неспособен управител. Пример, уште во 70тите Мареј Ротбард се залага за приватизација на океаните и езерата, тврдејќи дека иако секој може да лови риби тоа се прави како да сме примитивни ловци, без можност за посериозна „аквакултура“. Тогаш Ротбард се залагал за „електрични мрежи и огради“ за означување на простор во кој рибите би биле на еден или на друг сопственик. Немам поим ова како би функционирало.

Но, отсекогаш некои теми биле особено тешки како практично да се приватизираат (на страна политичките позиции). Затоа интересно е да се следи развојот на проектот на Google X насловен Tidal, проект кој веќе три години се обидува да „развие технологии кои ќе ни овозможат подобро разбирање на она што се случува во водите, со фокус на помош на рибните фармери да управуваат и да ги развиваат своите активности на еколошки начин“.

Целта е да се заштитат океаните и да се зачува способноста да го поддржат водниот свет и да го хранат човештвото, одржливо. За оваа цел Google X развиле подводен систем со камери и со користење на алатки за вештачка интелегенција го следат движењето и однесувањето на рибите, како и други важни податоци како температурните нивоа и нивоата на кислород. Се се’ ова клучни информации за управување со рибниот фонд од страна на рибарите.

И иако директно не се споменува приватизација или де-национализација со други модели, очигледно е дека развојот на технологијата ќе овозможи подобра контрола и управување со водните ресурси. Ако имаме технолошки можности, немаме причина зошто водите да ги третираме поразлично од земјиштето на пример.

Како и да е, ќе биде интересно.

Претходна статијаДве страни каде може да се следи состојбата со COVID-19 во Македонија, како и да се добијат повеќе информации
Следна статијаБил Гејтс се повлече од одборот на директори во Microsoft и повеќе ќе се концентрира на неговите филантропски активности
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.