Минатата недела, на 19.02. ЕУ ја објави Стратегијата за податоци (A European Strategy for Data). Како повеќето стратешки документи на ЕУ, станува збор за прилично досаден документ од 35 страници и ви направив услуга да го прочитам место вас. Еве за што поточно станува збор.

Прво, малку контекст. Секоја минута создаваме голем број на нови податоци. Од 33 зетабајти во 2018 се очекува глобално да има 175 зетабајти податоци во 2025 година. Немам поим што значи ова, но очигледно е mindboggling количина на податоци. Она што е интересно е што ~80% од овие податоци се чуваат централизирано, во некој дата центри, а ~20% податоците се во самите „паметни уреди“ (коли, домашни уреди, роботи) всушност во уреди блиски до самиот корисник. Се очекува за 10-20 години овој сооднос целосно да се сврти обратно. Значењето на овие податоци во секоја сфера од живеењето е дури и потценета донекаде – овие податоци ќе бидат од особено значење и за вештачката интелгенција која се заснова на квалитетен (динамичен, навремен, квантитативен) сет на податоци.

Очекувано, ЕУ има амбициозна цел – да стане „лидерски пример на општество зајакнато со добри одлуки засновани на податоци – и во бизнисот и во јавниот сектор“. Секако, за да го постигне ова е потребно да адресира голем број прашања поврзани со процесирање и чување на податоци, сајбербезбедност, итн. Сепак, ЕУ каска бајаги позади САД па дури и Кина по повеќето параметри кога станува збор за технологија и дигитализација иако според Стратегијата ЕУ сака ова да го искористи како можност за напредок. Имено, според Стратегијата, САД премногу се заснова на приватниот сектор што води до централизација на податоците во неколку корпорации, додека пак Кина е комбинација на државно следење на граѓаните со силна контрола врз технолошките компании без притоа никаква заштита на правата на приватност на граѓаните. ЕУ сака да учи од двата модели и да го најде „Европскиот пат“.

Што би значел „Европскиот пат“? Па, контурите се надзираат и пред објава на Стратегијата. Наводно поставување на граѓаните и нивната приватност во центарот на законодавството од оваа областпреку создавање единствен Европски пазар за податоци каде што бизнисите и државите ќе можат да споделуваат и користат високо-квалитетни и безбедни податоци. Особено лесен трансфер и користење на не-лични податоци. Очигледно, сите членки ќе мора да имаат исти стандарди кога станува збор за заштита на личните податоци, заштита на потрошувачите и конкурентското право. И ова ќе значи еден тон регулативи, што ќе креираат комплексен правен систем, со голем број неизвесности.

Интересно е што ЕУ го забележува како проблем централизирањето на податоците во неколку корпорации (случајот на САД), но не гледа проблем со централизирањето на пристапот во регулирање на овие прашања без можност за локални експериментирања. Секако, има искусни лидери во ЕУ кои знаат дека поголеми регулации значи поголема моќ во нивни раце, што креира други политички предизвици. Така, доза на „регулаторна скромност и доверба во интелегенцијата на корисниците“ тешко дека ќе најдеме во „Европскиот пат“.

Што, секако, ќе го успори развојот на Европа во клучното стратешко поле за економскиот развој во иднина.

Претходна статијаКако Коронавирусот го промени животот во Кина
Следна статијаVivo го претстави APEX 2020 концепт телефонот преку кој ја презентира својата најнова технологија
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.