Shutterstock.com

Откако во претходните два дела објаснивме што е 5G и зошто голем број граѓани се загрижени од ефектите врз човековото здравје, во овој дел ќе се осврнеме на најдобрите достапни студии и ќе се обидеме да (си) разјасниме што е оправдан ризик и страв.

Прво, да разјасниме малку основни работи за радијација.

Радијација постои на секаде околу нас, од различни извори, со различна сила (од високо-фреквентна до ниско-фреквентна). Пример за првиот вид се рентген зраците, Х-зраците и УВ-радијацијата – сите овие се нарекуваат „јонизирачка радијација“ која може да го отстрани електронот од (јонизира) атомот или молекулата. Ова може да предизвика оштетувања во ДНК-та, што може да резултира во рак. За разлика од Х-зраците и ултравиолетовата радијација, изложеноста на радиобранови е не-јонизирачка. Лимитите за мобилни телефони во САД се определуваат во специфична стапка на абсорбција (SAR) од 1.6 вати на килограм (1.6 W/kg) маса (во ЕУ е 2.0 W/kg), што е далеку од нивоата кои се сметаат за штетни.

Сепак, оние кои тврдат дека има ризици од хронична голема изложеност на зрачење не се во доменот на „теоретичари на заговор“. Стравовите се оправдани особено што „имајќи предвид дека огромен број користат мобилни уреди, дури и мала инциденца на болести од изложеноста на радио-бранова радијација може да има широки последици по јавното здравје“ (Јавен институт за здравје на САД, 2016). Имено, Програмата за државна токсикологија при Јавниот институт за здравје во САД во 2018 објави студија за влијанието на т.н. радиофреквентна радијација (зрачење од мобилни уреди) врз одреден вид на стаорци (и ова не е единствена студија на темата, иако генерално студиите имаат мешани резултати). Да не навлегувам во детали (тука има одлично резиме за оној кој го интересира), но наодите на прва се загрижувачки – дел од изложените стаорци, особено машките, имале зголемена инциденца на малигни тумори на мозок и оштетувања на ДНК-та. Студијата тежи 25 милиони долари и е сериозна.

Сепак, важно е да се истакне дека самиот Институт даде внимателна забелешка дека резултатите од студијата не можат директно да се применат на луѓе поради одредени ограничувања во експериментите (особено што заболените стаорци биле изложени на многу повисока радијација него што е вообичаено човекот (помеѓу 2 и 4 пати повеќе) и новите мобилни имаат се подобра и подобра технологија со помала радијација).

Дополнителен страв предизвикува класификацијата на радиобрановата радијација како 2Б – возможно да е канцерогена. Но, ако се има предвид системот на класификација на Агенцијата за истражување на рак при Светската здравствена организација (IARC) ќе се увиди дека ваквата класификација не е толку страшна како што звучи. Црвеното месо на пример е категоризирано уште пострашно, како 2А – веројатно е канцерогено. Исто како и киселите краставички. Дополнително IARC оценува дали одреден „агент“ е канцероген. Се останато – колку е опасен и како функционира механизмот од „опасен агент“ до заболување кај човек и животни е знак прашање кое пробуваат да го одговорат други студии.

Она што донекаде е утешително е исто и што бројот на заболувања од рак во последните 20 години (барем во САД), не е зголемен иако мобилните уреди се насекаде околу нас.

Ако може да сумираме (има уште многу дискусија на темава, но просторот е ограничен), мислам дека овој сликовит приказ од Vox е соодветен.

Претходна статијаНеофицијални „рендери“ од OnePlus 7 Pro ни прикажуваат уред без рамки околу екранот и три камери на задната страна
Следна статијаWindows 10 ќе добие заоблени агли како дел од промените во корисничкиот интерфејс
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.