Првиот дел можете да го прочитате на овој линк.

Секако, како за се, постои мала група која може да се нарече параноична и смета дека новата 5G инфраструктура ќе значи огромна (штетна) радијација од сите страни што ќе води до зголемена инциденца за рак, т.н. cellular стрес, генетски пореметувања, намалена потенција, и што уште не. Искрено, овие луѓе ми се чини дека се некој вид на лудити – повеќе имаат проблем генерално со технологијата него конкретно со 5G. Истите се бунат за секоја нова генерација мобилна технологија.

На страна оваа група, постои сериозен аргумент дека здравствените ефекти од новата технологија се’ уште не се познати и потребна е поголема претплазливост – да се успори проектот додека не знаеме повеќе што се ќе ни донесе и како да ги минимизираме евентуалните негативни ефекти. Овој став го заземаа и над 200 научници кога во 2017 поднесоа Писмо до американската FCC и повикаа на мораториум на инсталирањето на 5G инфраструктурата се додека не се ажурираат стандардите за заштита на човековото здравје и животната средина од не-јонизирачко зрачење.

За што поточно станува збор? Имено, главните грижи на граѓаните се вртат околу два елементи во новата 5та генерација мобилна технологија:

1) Емитирањето на милиметарски бранови кои „јаваат“ многу повисока фреквенција (од 30 до 300Ghz). Проблемот е што истите не можат лесно да пробијат бетонски препреки и се апсорбираат од дожд и дрва, што значи дека не можат да „патуваат“ на големи растојанија како постојната 4G технологија. Затоа и постојната интернет/мобилна инфраструктура ќе биде заменета со нова придружна технологија.

2) Инсталирање на т.н. мини ќелии – базни станици на кои им треба минимално енергија за да функционираат, но мораат да бидат инсталирани на секои 250-300 метри со цел да ги „одбиваат“ милиметарските бранови. Истите комуницираат едни со други и овозможуваат поефикасен пренос на податоци. Со цел да се изгради добра и ефикасна мрежа ќе бидат инсталирани вакви ќелии низ секое населено место. 

Факт е дека сето ова ќе резултира во зголемување на хроничната изложеност на не-јонизирачко зрачење од електромагнетните полиња кои ќе се емитираат од безжичните извори. Дополнително, меѓународната Агенција за истражување на рак (IARC), која е дел од Светската здравствена организација на ОН,  овој тип на зрачење го класифицира како 2Б – можно е да биде канцерогено кај луѓе (иако (сеуште) нема доволно докази за канцерогеност кај животни и уште помалку кај луѓе).

Но, колку е сериозна работата? Што точно значи сето ова? Што вика науката?

(продолжува)

Претходна статијаGame of Thrones, С08, Е03: Долгата ноќ
Следна статија15. јубилеј на Виз Ер Скопски маратон со рекорд од над 12.000 пријавени од 58 држави
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.