Пред некој ден на Смартпортал се разви дискусија за ефектите на 5G интернетот врз здравјето. Нормално, луѓето со право се загрижени и ова е жешка тема која допрва ќе се дискутира. Решивме да „нурнеме“ малку подлабоко и да видиме што викаат достапните студии. Не за друго, темата е од интерес на сите и сакаме најпрво за себе да си ги разјасниме работите, како секој обичен граѓанин.

Имајќи го предвид интересот за темата, колумната ќе биде поделена во 4 дела:

  1. Во првиот дел ќе објасниме што е 5G технологијата,
  2. во вториот дел од оваа колумна ќе ги објасниме грижите на луѓето и од каде потекнуваат стравувањата,
  3. во третиот дел ќе ги разгледаме најдобрите достапни студии и ќе се обидеме да (си) разјасниме што е оправдан ризик и страв, за на краj
  4. во четвртиот дел ќе се осврнеме на тоа каде ќе се кршат копјата и што значат овие студии и сета борба за законите, индустријата и глобалната политика.


Дел 1

5G, или 5-та генерација на мобилна технологија е збир од повеќе нови технологии кои заедно овозможуваат нова инфраструктура за побрз и постабилен пренос на дигитални податоци. Теоретски, 5G технологијата треба да овозможи до 20х побрз пренос на дигитални податоци во споредба со денес, што би се овозможило не само побрз интернет туку и реализација на концептот Internet of Things (директна комуникација помеѓу уреди) и концептот на „паметни градови“.

Како планираат инженерите да гo овозможат ова?

5G технологијата ќе користи нови „канали“ за пренос на податоци и нема да ги користи веќе претрупаните постоечки 4G мрежи. За оваа цел ќе се користат т.н. милиметарски бранови кои „јаваат“ многу повисока фреквенција (од 30 до 300Ghz) него стандардните радио-бранови кои се користат во денешната мобилна технологија (мм бранови сега користат само сателити и радари). Комуникацијата ќе се одвива преку базни станици, т.н. „мали ќелии“ (small cells) кои ќе содржат мали и многубројни антени со способност сериозно да го зголемат капацитетот на мобилните мрежи.

Очигледно станува збор за промена на цела инфраструктура и голем чекор кон иднината. Како секој голем чекор 5G носи свои предизвици како политичко-безбедносни, така и здравствени, социјални и што уште не. Ефектот ќе се осети во сите пори на секојдневното живеење. Иако процесот треба да почне официјално во 2020, веќе дел од градовите и компаниите (постојат само 5 компании кои работат со 5G – Хуавеи, Самсунг, Ериксон, ЗТЕ и Веризон) ги прават првите експериментални чекори.

Но, се поголем број на луѓе, активисти, па и научници се загрижени за можните последици. За што станува збор ќе видиме во вториот дел.

(продолжува)

Претходна статија4 работи кои може да ги научите додека трае празник
Следна статијаУтре сте резервирани за афтервворк на „Кафе со експерт“: „Од стартап до експанзија“
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.