Се случи и тоа. Толку најавуваниот осми април помина, а со тоа и официјално заврши поддршката на Microsoft за (веројатно) најпопуларниот оперативен систем на сите времиња, Windows XP. Нема веќе надградби за подобрување на сигурноста на системот, ниту какви било додатоци кои би ги подобриле целокупните перформанси.
Затоа, доколку не сакате да бидете изложени на сигурносни ризици, губење на податоци или општо, нестабилност при работа со вашиот компјутер, време е да размислите за инсталирање на понов оперативен систем. Главната дилема со која може да се соочите е дали би преминале на Windows 7, систем кој игра на сигурно, или ќе загризете на „мамката“ на Microsoft и ќе му дадете шанса на далеку позборуваниот (и покритикуван) Windows 8.1. Нормално, секој од двата системи си има свои предности, па затоа ќе се потрудам да ви доловам дел од оние кои може да ви помогнат во носењето конечна одлука.
Зошто Windows 7 – Ако не е расипано, не го поправај
Ќе тргнам од тоа дека секој од вас барем еднаш имал шанса да работи со овој систем. Да не се лажеме, Windows 7 ги усоврши сите постоечки функции на Windows XP, притоа додавајќи и цел куп нови, па затоа доколку треба со еден збор да се опише овој оперативен систем, првиот што кај многумина паѓа на ум е комплетен.
Од моментот кога ќе го пуштите Windows 7, точно ќе знаете што каде се наоѓа и како да стигнете до посакуваната функција. Во случај да не можете да го прежалите Windows XP, со неколку едноставни трикови и прилагодувања можете повторно да го добиете тој ретро изглед и функционалност, па ќе се чувствувате како преминот од еден во друг ОS воопшто да не се случил.
Истовремено, Windows 7 од самиот почеток придобива милиони корисници со своето Старт мени, каде се наоѓаат сите оние основни, корисни и секојдневни функции без кои работата со еден компјутер е сведена на макотрпно барање и креирање кратенки од апликациите и опциите што сакате секогаш да ви се на дофат. Во тој поглед, подобар избор од Windows 7 нема.
Како последен адут во полза на Windows 7 се зема самиот факт што овој оперативен систем е всушност темелна надградба во однос на Windows Vista, а не работа „од нула“, како што е случајот со Windows 8. Со тоа, програмерите од Microsoft можеа целосно да се фокусираат на проблемите кои беа и тоа како видливи кај Vista, и да работат на нивно целосно отстранување. Резултатот е еден импресивен, нов, а добро познат оперативен систем, кој иако не е совршен, ви овозможува едно префинето, модерно искуство кое не бара од вас да потрошите часови на учење на некои основни функции, само затоа што некој поинаку ги замислил. Плус, има ли таков што ќе се осмели да каже дека десктопот не е она што сака автоматски да го гледа при вчитување на оперативниот систем? Така и си мислев.
Зошто Windows 8.1 – Различен, поразличен, Windows 8?
Уште кога за првпат Microsoft изјави дека работи на нов оперативен систем, додека мнозинството Windows XP и Windows 7 (и неколку Vista) корисници беа совршено задоволни со она што го имаа на располагање, беше јасно дека се работи за OS кој ќе се обиде да постави нови трендови и да им покаже на сите зошто секогаш е најдобро да се користи најновото. Сепак, никој не можеше ни да претпостави дека на пазарот ќе се појави Windows 8, систем кој предизвика дотогаш невидена поделба во ставовите кај корисниците ширум светот. Зошто? Затоа што во својата намера да внесат свежина, Microsoft заборавија дека некои функции е најдобро да останат непроменети. Резултатот? Безброј критики, дебати, но и неколку „тешки“ надградби, се’ со цел да се вратат дел од познатите функционалности на претходните оперативни системи.
Моментално, најновиот оперативен систем на Microsoft се наоѓа во својата 8.1 верзија, последно надградена вчера. За среќа, може да се каже дека токму таа верзија е најблизу до она што луѓето го сакаат од еден модерен оперативен систем. И додека отсуството на Старт мени е аргумент кој традиционалните корисници ќе го користат до крај на времето (иако тоа ќе се појави во некоја од надградбите, или заедно со планираниот Windows 9), многу други веќе максимално го користат фактот што Windows 8.1 е едноставно побрз на секое поле. Побрзо време на стартување, побрзo вчитување на апликации, побрза работа при мултитаскинг… Едноставно кажано, Windows 8.1 максимално паметно ги распределува ресурсите на вашиот компјутер, а за возврат добивате импресивни перформанси.
Не мора да сте корисници на таблети или компјутери со екран на допирање, за да уживате во бројните предности што Windows 8.1 ги нуди. Изобилува со модерни апликации, чиј број допрва ќе расте и наоѓа примена во домашни, но и бизнис опкруженија. Фактот што самиот систем доаѓа со вградена анти-вирусна заштита е исто така за пофалба. Оние меѓу вас кои сакаат точно да знаат што се случува при работа на компјутерот, во овој систем имаат уште подетален графички приказ на размената на податоци и оптеретеноста на компјутерските компоненти. А доколку се привикнете на почетниот Старт екран, ќе најдете начин да ги имате буквално сите апликации и функции што ви се потребни на само еден допир (или клик) од вас.
За крај, не смее да се заборави дека Windows 8.1 се’ уште не е излезен од фазата „work in progress“. Тоа значи дека Microsoft допрва ќе издаваат надградби за своето најново чедо. Она што мора да се признае е дека момците со секоја нова надградба се’ повеќе го наоѓаат потребниот баланс помеѓу новините и функционалноста. Со други зборови, Windows 8.1 е далеку од онаа конечна верзија која кај Windows 7 беше поставена уште од самиот почеток. Дали тоа ќе го сметате за маана или предност, оставам на вас.
OS монопол?
Тоа што во статијава посветивме внимание на последните два оперативни системи од Microsoft, не значи дека не сме свесни дека постојат и други опции кои можете да ги разгледате, доколку се одлучите за смена на Windows XP. Иако од сенка, факт е дека и Linux е одлична алтернатива и дека неговите корисници ќе ви кажат дека за нив, друг избор на пазарот на оперативни системи не постои. Самиот систем е поделен на дистрибуции, од кои секоја си има соодветна намена. Дел од нив се Debian, Fedora, Red Hat Enterprise Linux и секако, Ubuntu, најпопуларната дистрибуција од сите. Па така, доколку сте заинтересирани за користење на бесплатен софтвер, а истовремено и сакате да научите како истиот работи и дали некако можете директно да придонесете за негово подобрување, Ubuntu е идеалниот избор за вас.
Иако постојат држави кои не се подготвени да се откажат од Windows XP, факт е дека во иднина, акцентот ќе биде ставен на поновите оперативни системи. Затоа, доколку сте подготвени и вие за последно збогување со XP, добро размислете што очекувате од идниот оперативен систем и не заборавајте дека за кој OS и да се одлучите, само од вас зависи колку од неговиот потенцијал ќе биде искористен.