Xiaomi денеска ја претстави нивната нова 12S серија составена од три модели. Како главна карактеристика на серијата се истакнува соработката со Leica, што значи дека главниот акцент е ставен на способностите на камерата која има голем кружен модул на задната страна.

Со проблемите кои ги има Huawei со САД, изгледа дека Xiaomi сака да го преземе местото, посебно во Кина, на производител со најдобрите камери на пазарот.

Од Xiaomi истакнуваат дека леќите кои се користат кај 12S серијата се заедно развиени со Leica, донесувајќи го деталното разбирање на Leica за леќи, процесирање на сликите, квалитетот на сликите, во комбинација со големото искуство на Xiaomi.

Од компанијата посебно ја истакнуваат можноста за сликање во два фотографски стилови од Leica, односно „Leica Authentic Look“ и „Leica Vibrant Look“.

Главниот модел, односно Xiaomi 12S Ultra доаѓа и со Sony IMX989 сензорот кој е со големина од 1 инч. Xiaomi беа најавени како едни од првите кои ќе донесат телефон на пазарот со овој сензор.

Големината на пикселите кај овој сензор изнесува 1,6 микрометри, но со нивно спојување се добиваат пиксели со големина од 3,2 микрометри. Ова треба да придонесе до доста големо намалување на шумот, проширување на динамичниот опсег, а посебно на светлина која влегува до сензорот.

Xiaomi истакнува и дека 12S Ultra е првиот Android смартфон кој има поддршка за Dolby Vision HDR снимање и гледање на видео.

Во серијата се достапни уште два модели, Xiaomi 12S Pro и 12S кои доаѓаат со друг сензор, односно Sony IMX707, но очекувано е дека најсилните карактеристики ќе ги има само кај Ultra моделот во серијата.

Уште една карактеристика посебно се истакнува од страна на Xiaomi, а тоа е Xiaomi Surge P1 брзото полнење и Xiaomi Surge G1 чипсет за менаџирање на батеријата.

Xiaomi 12S Ultra доаѓа со поддршка за брзо полнење со 67W, како и со 50W безжично и 10W за „обратно“ полнење, односно безжично полнење на уреди од телефонот. Батеријата кај овој телефон е со капацитет од 4.860mAh.

Xiaomi 12S Pro може да се полни со 120W, како и 50W безжично, но нема можност за полнење на уреди преку телефонот. Кај основниот модел 12S полнењето се прави со 67W, односно 50W безжично. Капацитетот на батериите кај овие модели е со 4.600mAh, односно 4.500 mAh.

Xiaomi 12S серијата е од највисоката класа, па и останатите карактеристики го покажуваат тоа. Телефоните работат на најновиот Snapdragon 8+ Gen 1, кој за разлика од претходниот модел е направен од страна на TSMC и нивниот 4nm процес.

Според тестовите и информациите, иако се работи за мала полугодишна надградба која обично не донесува големи подобрувања, Snapdragon 8+ Gen 1 поради промената на производителот и процесот, претставува прилично големо подобрување.

Ultra моделот доаѓа и со посебен систем за ладење, односно за респоредување на топлината кој од компанијата истакнуваат дека е направен слично со биолошкиот систем на листовите од растенијата. Се работи за тридимензионална пумпа за ладење со повеќе канали кои донесуваат изладена течност. Ова е доста важно за перформансите на телефонот, а посебно кога се играат игри.

Xiaomi 12S Ultra и Xiaomi 12S Pro моделите доаѓаат со 6,73 инчен екран направен со AMOLED технологија, 2К резолуција, како и LPTO 2.0 со што се добива стапка на освежување од 1 до 120 херци.

Основниот Xiaomi 12S модел има малку помал 6,28 инчен екран со стапка на освежување од 120 херци, но не со истата технологија како другите два модели.

Официјалното претставување на Xiaomi 12S серијата можете да го погледнете во продолжение.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Xiaomi
Претходна статијаARM ја претстави втората генерација на процесори од armv9 архитектурата
Следна статија21. CINEDAYS – Фестивал на европски филм
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.