Xiaomi оваа недела стана третиот поголем производител кој во својата понуда има смартфон со екран кој се превиткува и со тоа ја менува намената на уредот. Уредот од Xiaomi е направен под Mi Mix серијата која е позната по нестандардните уреди, како претходниот Mi Mix Alpha со екран кој го обвиткува целиот уред.

Најновиот уред го носи името Mi Mix Fold и покрај името, сличноста со Galaxy Z Fold од Samsung е и во стилот на уредот, односно е во иста категорија со овој уред од Samsung, како и новиот Mate X2 од Huawei.

Оваа категорија на смартфони со екран кој се превиткува подразбира уред кој има два екрани, односно еден поголем за кога е отворен и кој се превиткува, како и уште еден екран, помал, кој се користи за режим на смартфон.

Xiaomi истакнува дека нивниот Mi Mix Fold ги има најголемите на пазарот екрани кај еден ваков уред, а исто така имаат и уште неколку уникатни карактеристики кои би требало да го издвојат телефонот од конкуренцијата.

Големината на екранот кој се користи за режим на таблет е 8,01 инч, додека вториот екран е со големина од 6,52 инчи. Двата екрани се направени со OLED технологија, додека поголемиот има стапка на освежување од 120 херци, а помалиот од 90 херци.

Резолуцијата на поголемиот екран, кој е во 4:3 формат, е 2.480 на 1.860 пиксели, а на помалиот 2.520 на 840 пиксели.

Две карактеристики кои Xiaomi посебно ги истакнува се звучниците и камерите. Поставени се дури 4 звучници од Harman Kardon, а од компанијата најавуваат дека овој уред е најдобар за гледање на видео содржина.

На задната страна се поставени три камери со сензори од 108 мегапиксели кај главната камера, како и 13 мегапиксели кај втората, а тука е и камерата со 8 мегапиксели и „течни леќи“. Предната камера е со сензор од 20 мегапиксели.

Тоа што посебно го истакнува Xiaomi за камерите е нивниот посебно развиен чип за процесирање на сликата Surge C1, како и тоа дека ова е првиот уред со „течни леќи“.

Батеријата на Xiaomi Mi Mix Fold е со капацитет од 5.020 mAh и може да се полни со брз полнач од 67W, со што се овозможува нејзино целосно полнење за помалку од 40 минути.

Очекувано, Mi Mix Fold работи на Snapdragon 888 и има избор од 12 и 16GB RAM, како и 256 и 512GB простор за податоци.

Ќе се продава по цена од околу 1.500 долари, па се до околу 1.970 долари.

ИЗВОРXiaomi
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаМакпетрол Инфо Поинт: Совети за безбедно возење во тунел
Следна статијаFacebook ќе го олесни гледањето на најновите објави, а ќе овозможи и ограничување на тоа кој може да коментира
Avatar
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.