Mi Mix серијата од Xiaomi може слободно да се каже дека е дефиниција за иновативност, серија која ги поставува стандардите на пазарот кои се воведуваат масовно во годините што следат.

Првата верзија од Mi Mix беше првиот смартфон којшто имаше целосен екран, без рамки и исечоци или било што друго. Колку време е поминато и тоа што го донесе тој телефон уште не е стандард кај повеќето производители, а се надеваме дека тоа ќе биде конечно идната година.

Mi Mix Alpha повторно ќе се истакне на пазарот со дизајн којшто досега не е виден кај друг. Во овој случај може да се каже дека функционалноста не е толку во преден план, па на овој уред повеќе треба да се гледа како на концепт кој покажува до каде е со развојот на технологијата Xiaomi и што е тоа што може да го направи.

Во основа, Mi Mix Alpha е скоро целиот екран. Не само што нема исечоци и дупки за камерата на предната страна, екранот го обвива целиот уред, па застанува само на еден дел, една линија, каде што е поставена и тројната камера.

Од Xiaomi овој екран го нарекуваат surround и тоа слободно може да се каже дека е така. Поради тоа, овој уред нема физички копчиња од страните, тие не ни има каде да бидат поставени, па тие се заменети со софтверски копчиња кои реагираат со нешто поголем притисок на тој дел од екранот.

Звукот, како и отклучувањето на уредот, доаѓаат од самиот екран, па овој уред навистина нема потреба од скоро ништо кое ќе направи тој да има рамки околу него.

Mi Mix Alpha исто така доаѓа со првата камера која има 108 мегапиксели, а Xiaomi работеше со Samsung како помош за развој на овој сензор од Samsung. Како што и би се очекувало, сензорот прави комбинација на 4 пиксели со што се добива слика со 27 мегапиксели, но можете да замислите што се може да „фати“ овој сензор кој има 108 мегапиксели.

Другите две камери доаѓаат со сензор од 20 мегапиксели и ултра широк агол на сликање, како и 12 мегапиксели и можност за зумирање на сликата.

Останатите компоненти во уредот се најдобрите кои се моментално достапни на пазарот. Mi Mix Alpha работи на Snapdragon 855+, има 12GB RAM меморија, како и 512GB простор за податоци.

Батеријата е со капацитет од 4.050 mAh и може да се полни со новиот безжичен полнач од Xiaomi од 40 W. Ова е мислам најбрзиот безжичен полнач на пазарот и ја полни батеријата побрзо од повеќето брзи полначи со кабел во денешно време.

Xiaomi Mi Mix Alpha ќе биде произведен во ограничена количина и не е познато дали ќе биде достапен само во Кина или ќе може да се купи и на друго место. Цената на уредот ќе биде огромни 2.800 долари.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаОфицијален старт на глобалното движење Women in Tech во Македонија
Следна статијаGoogle го претстави Play Pass сервисот со месечна претплата за игри и апликации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.