Microsoft го претстави Windows Phone 8.1 пред две недели на Build 2014 конференцијата. За корисниците се очекува да биде достапен почнувајќи од Јуни, меѓутоа точна дата не може да биде дадена поради различните производители, како и оператори од кои што исто така зависи надградбата.
Windows Phone 8.1 носи поголем број на новини меѓу кои, центар за нотификации, личен асистент наречен Cortana, нова верзија на Internet Explorer со повеќе нови можности, нова верзија од камера апликацијата, но и други апликации, можност за поставување на позадини на плочките, посебни контроли за звук и многу повеќе. Заслужено оваа верзија голем број на луѓе кажуваат дека треба да го носи бројот 8.5. Не е чудно што Microsoft се одлучи да воведе голем број на новини во оваа верзија на оперативниот систем. Сепак тие каснат и се доста назад во однос на можностите и развиеноста на конкурентните Android и iOS. Дали воведените функции и можности ќе бидат доволни за да се забрза растот на корисниците останува да се види до крајот на оваа година, а веќе се во најава и верзии за наредната година.
Од денес Windows Phone 8.1 е достапен за симнување од страна на програмерите. Тие со инсталирање на Preview for Developers апликацијата, како и досега може да ја инсталираат оваа верзија порано од обичните корисници. Меѓутоа Microsoft минатата година претстави нов сервис наречен Windows Phone App Studio, кој што на корисниците им овозможува на едноставен и бесплатен начин да почнат со развивање на апликации за оперативниот систем, без потреба од познавање на програмски јазици. Регистрирањето на овој сервис е бесплатно и достапно за сите преку нивната Microsoft сметка, за разлика од програмерскиот пристап кој што има еднократна цена за зачленување. Причината поради која што ви пишуваме за овој сервис е поради тоа што со регистрирање на сервисот и инсталирање на Preview for Developers апликацијата, секој од вас може да ја инсталира најновата верзија, во случајот Windows Phone 8.1.
Сепак инсталирањето на понова верзија од оперативниот систем од таа официјално достапна од производителот на вашиот уред и мобилниот оператор е неповратна активност, односно нема да можете да се вратите на постара верзија. Било какви измени направени од производителот или операторот, како и инсталирани апликации веќе нема да ви бидат достапни. Исто така доколку вашиот телефон е сеуште под гаранција, истата нема повеќе да важи.