Пред некој ден ги спомнавме Qualcomm и нивниот план за тројно забрзување на безжичниот интернет, а веќе имаме и уште една вест која веруваме дека ќе го привлече вашето внимание.

Овојпат, се работи за најновата генерација мобилни процесори кои спаѓаат во серијата Snapdragon 800, односно 808 и 810. Според Quallcom, овие процесори имаат за цел да овозможат целокупно подобро и побрзо искуство за „зависниците“ од графика, видео и слики. Процесорите се моментално најјаките модели што потекнуваат од оваа компанија и се очекува да се појават догодина, кај носителите меѓу таблетите и паметните телефони.

Овие два осумјадрени процесори, покрај тоа што имаат 64-битна ARM архитектура, поддржуваат и Cat 6 LTE-Advanced 4G мрежа која достигнува брзина до 300Mbps. Истовремено, тие поддржуваат работа со DDR4 меморија, но и камери до 55 мегапиксели, како и екрани со 4K резолуција и Adreno 430 графички карти. Не смее да се заборави и стандардната поддршка за Bluetooth® 4.1, USB 3.0 и NFC услугата, но и најновата верзија на IZat™, услуга која има за цел да овозможи посочување на локација со висок степен на прецизност.

Ако нешто е совршено јасно, тоа е дека 808 и 810, освен многуте нови технологии во мобилната телефонија, ќе донесат забрзување на перформансите до 50% кај најновите мобилни телефони. Се’ што треба е да се стрпите до втората половина на следната година, а дотогаш ќе добиете шанса да уживате во перформансите на некои други процесори кои беа нешто порано најавени од страна на Qualcomm, а спаѓаат во истото, Snapdragon 800 семејство.

Претходна статијаWindows Phone 8.1 достапен за програмерите од денес
Следна статијаAmazon Dash – уред за нарачка на намирници преку интернет