joe-build-2014

Денеска на Build 2014 конференцијата, Microsoft ја претстави новата верзија од својот мобилен оперативен систем, Windows Phone 8.1. Како што се очекуваше, ова претставување беше само формалност, односно потврда на информациите кои што излегуваа во месеците што претходеа. Сите протечени информации испаднаа точни и не остана скоро ниту една функција како изненадување за конференцијата. Сепак сега кога се официјални да ги разгледаме уште еднаш новите работи кои што доаѓаат во Windows Phone 8.1.

Cortana

Најголем дел од првата презентација на која што беше претставена новата верзија од Windows Phone се разговараше за Cortana, а истата беше одржана од страна на познатиот Windows Phone човек, Joe Belfiore. Како што веќе знаете, Cortana е личен асистент кој што можете да го прашате да направи било што, да ви одговори на прашања и слични активности карактеристични за ваквиот тип на функции. Cortana е поставена на местото на Bing Search, што значи дека до неа се пристапува со притискање на копчето за пребарување, но постои и посебна плочка која се ажурира во живо. Во Cortana е додадена можноста за пребарување во самиот уред, што значи дека сега е можно пребарување на апликации, email пораки и слично, директно од Cortana. Таа е сеуште во бета верзија, па може да се очекуваат одредени грешки и багови кои што треба да се средат во првиот период на масовно користење.

Action Center

Оваа функција е можеби меѓу најмногу бараните од корисниците, па без разлика што истата веќе беше прикажана во неколку видеа и повеќе слики, корисниците сигурно ќе бидат среќни што официјално е вклучена во новата верзија од оперативниот систем. Како што можеше да се види од претходните информации, Action Center е место каде што можете да вклучувате и исклучувате одредени функции, како Wi-Fi на пример, а исто така централизирано место за сите нотификации од оперативниот систем и инсталираните апликации. Достапните нотификации можете да ги тргнете од листата сите преку едно копче или една по една со повлекување на страна. Се разбира плочките и понатаму ќе продолжат да ги покажуваат своите нотификации, па ова централизирано место ќе ви помогне да бидете сигурни дека нема ништо да пропуштите, доколку немате ставено плочка на start екранот, на пример, или можеби истата е подолу на екранот. Функционирањето на овој центар може да се прилагодува преку Settings менито. Сепак исто така информациите беа во право за одредена работа која што не им се допаѓа на корисниците, а тоа е не вклучувањето на можност за додавање на копче за вклучување и исклучување на мобилниот интернет.

Повеќе плочки

Можноста за повеќе плочки на start екранот првпат беше претставена со излегувањето на phablet моделите кои работат на Windows Phone. Во основа поради поголемата резолуција и големина на екранот, наместо стандардните 4 мали плочки, на екранот се прикажуваа 6. Сега ова е додадено како можност за сите видови на уреди, па дури и корисниците на мобилни со мали екрани ќе може да го изберат ова.

Теми за lockscreen-от

Во основа ова значи поголема отвореност на екранот за отклучување и можност на програмерите повеќе да го променат истиот. До сега постоеше можноста за интеграција на апликациите со овој екран, меѓутоа постоеше одредена ограниченост.

Позадини на start екранот

Како што беше најавено во новата верзија вклучена е можноста за избирање на слика која што ќе биде поставена како позадина на главниот екран. Истата ќе биде прикажана наместо досегашната боја на плочките, додека тие кои што имаат посебни плочки нема да ја прикажуваат сликата.

Internet Explorer 11

Со новата верзија на оперативниот систем доаѓа и новата верзија од интернет прелистувачот, веќе достапен на другите верзии од Windows 8. IE 11 вклучува нови функции и можности како, InPrivate сурфање, reading mode, прередени сетинзи, stop и refresh се интегрирани во лентата за адреси, можност за пуштање на HTML5 видеа директно на веб страната, синхронизирање на лозинките со другите уреди и повеќе.

Нова продавница за апликации

Продавницата за апликации е реорганизирана и овозможува полесно откривање на апликации, како и добивање на информации за нив. Првата страна е наменета за избраните апликации, потоа следат предложени апликации, категории и слично.

Word Flow тастатура

Се работи за интегрирање на функција во стандардната тастатура која што овозможува нејзино користење со повлекување на прстот врз буквите, наместо притискање.

Посебни контроли за звук

Една исто така многу барана можност е можноста за контролирање на звукот на телефонот преку посебни контроли, односно посебно за ѕвонењето и посебно за музиката. Во досегашната верзија на оперативниот систем е достапна само една контрола, но во новата тоа се менува, па корисниците ќе може посебно да ја менуваат јачината на звукот. Исто така додадена е можноста за прилагодување на секоја апликација посебно и можност кога некоја од нив има нотификација телефонот да вибрира.

Нова камера апликација

Стандардната апликација за камерата која што доаѓа со оперативниот систем е освежена и подобрена со нови функции. Она што прво ќе забележите кога првпат ќе ја отворите апликацијата е поголемото копче за сликање, па доколку го користите сега многу полесно ќе можете да го притиснете. Исто така додадени се повеќе прилагодувања на десната страна од екранот кои што го олеснуваат пристапот од нив.

Windows Phone 8.1 ќе биде достапен за корисниците во наредните месеци, односно како и што се очекуваше ова лето. Производителите и операторите ќе треба да ги направат потребните прилагодувања, па зависно кој телефон го користите и на кој оператор надградбата ќе ја добиете во различно време.

Претходна статијаПовикување на броеви и видео пораки во новата верзија на Viber за Windows Phone
Следна статијаПрвата паметна LED светилка на Samsung трае до 10 години
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.