Од денеска Windows 11 официјално им станува достапен на сите корисници во светот, без разлика дали преку надградба од Windows 10 или со купување на нов компјутер. Процесот на надградба ќе оди постепено, што значи дека не сите корисници ќе ја добијат уште првиот ден. Microsoft преку машинско учење и информации за уредот, надградбата постепено ќе ја пушта на компјутерите за кои верува дека ќе можат да ја инсталираат без проблеми, а се очекува дека сите уреди ќе ја добијат до средината на идната година.

Со Windows 11 сепак има уште еден услов за тоа дали некој компјутер ќе ја добие надградбата, а тоа е компатибилноста со овој оперативен систем за кој е потребно да се има TPM 2.0 модулот, покрај останатите побарувања за процесорот, меморијата и слично. За да проверите дали вашиот компјутер е компатибилен со Windows 11, за да знаете дали воопшто да ја очекувате надградбата, тоа можете да го направите преку алатката од Microsoft достапна на овој линк.

Доколку се мислите дали да го инсталирате Windows 11 поради можни проблеми со апликациите и работата, истото можете слободно да го направите. Иако се работи за поголема надградба, Windows 11 сепак во својата основа не се разликува од Windows 10, барем не многу, што значи дека се што има функционирано на Windows 10, без проблем ќе функционира и на Windows 11.

Покрај неколку оптимизации на самиот оперативен систем, кои придонесуваат до побрза и побезбедна работа на компјутерот, главните новини кај Windows 11 се кај корисничкиот интерфејс и корисничкото искуство.

Овие новини ги вклучуваат следните промени и додатоци:

  • Ново Старт мени во кое ги нема „живите плочки“, туку само икони од апликациите и последните користени апликации и документи. Новото Старт мени е синхронизирано со облакот, па доколку користите и Microsoft 365 претплата, ќе бидат прикажувани документите на кои работите од било кој уред. Менито исто така сега стандардно е прикажано во средината од екранот, а може да се врати на левата страна.
  • Нов дел со виџети кој се прикажува од левата страна на екранот. За почеток се достапни виџети од Microsoft за временска прогноза, календар, To Do апликацијата и слично, а не е познато дали во иднина ќе се дозволат виџети од трети страни. Во овој дел се прикажуваат и вести од Microsoft News, а овој дел е сличен на News and Interests во Windows 10.
  • Microsoft Teams за приватните корисници сега е интегриран во самиот оперативен систем и се прикажува во прилагодена форма преку таскбарот.
  • Целосно редизајнирана Microsoft Store во која сега се достапни и „обични“ апликации кои досега мораше да се отвори страната на развивачот за да се симнат. Уште поважно, за месеците што следат во продавницата ќе станат достапни за инсталација Android апликации преку Amazon Store.
  • Унапредување на одличната Windows Snap функција за поставување на прозорите на страната од екранот со нови Snap Layouts и Groups. Со поминување со глувчето до копчето за зголемување на секој прозор, сега се достапни неколку позиции за поставување на екранот.
ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаИнтервју: Како да изградите успешна ИТ кариера преку ITOSE талент програмата?
Следна статијаWindows 11 стана достапен – кога и како ќе можете да го инсталирате?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.