При крајот на јуни, поточно една недела по официјалното претставување, Windows 11 ја доби својата прва тест верзија. Иако истата на многу места беше нарекувана како бета верзија, тестирањето на Windows не функционира баш така, односно истото се прави преку Windows Insider програмата и трите различни канали.

Првата тест верзија беше пуштена во „dev“ каналот од Windows Insider и истата во главно беше наменета за програмерите. Windows 11 доби неколку надградби, од кои едната имаше и одредени проблеми за нормално секојдневно користење.

Windows 11 Insider Preview build 22000.100 е последната верзија која беше пуштена во „dev“ каналот и истата во главно ги среди проблемите кои беа достапни со последната верзија.

Microsoft сега оваа верзија од Windows 11 ја пушти во „beta“ каналот од Windows Insider, па корисниците можат да го тестираат Windows 11 и преку овој канал сега.

Предноста на бета каналот е што поретко пушта нови верзии, а истите прво се чека да се покажат како стабилни и без многу грешки, а ова се тестира и покажува преку dev каналот.

Иако Microsoft не ги нарекува така работите, но може да се каже дека Windows 11 дури сега ја доби својата прва бета верзија која може да се препорача да се користи од поголемиот број на корисници, односно и тие кои не се програмери или како што ги нарекуваат од компанијата, „early adopters“.

Од компанијата исто така препорачуваат дека сега е моментот кога не е лошо корисниците кои го имаат инсталирано Windows 11 преку dev каналот, истиот да го променат во бета каналот. Со тоа ќе се осигурат дека ќе добиваат постабилни верзии од системот.

Доколку уште сте на Windows 10, а сакате да го пробате Windows 11 порано, сега може да се каже дека е вистинскиот момент. Во Settings треба да се приклучите на Windows Insider програмата и да го изберете бета каналот, по што ќе можете да го надградите вашиот компјутер.

Сепак, доколку имате постар компјутер, отприлика постар од 4-5 години, не се препорачува да ја инсталирате бета верзијата, поради тоа што кога ќе биде пуштена финалната верзија, вашиот компјутер најверојатно нема да биде компатибилен. За тие со уште постари компјутери, бета верзијата нема ни да може да се инсталира.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статија11 причини да купите Mac според Apple
Следна статијаВодовод – Скопје и СМУГЦ Д-р. Панче Караѓозов потпишаа меморандум за соработка
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.