Како што беше најавено, од оваа недела стана достапна и првата верзија од новиот Windows 11. Оваа верзија може да се инсталира преку Windows Insider програмата, исто како што беше досега со Windows 10.

Првата тест верзија е дел од Dev каналот од Windows Insider, што значи дека не се препорачува да се инсталира и користи на компјутер кој на корисникот му е единствен или главен за работа и слично. Можни се одредени проблеми поради кои ќе мора да се реинсталира системот или да се врати на Windows 10.

Корисниците кои имаат 7ма генерација од Intel процесорите ќе можат да ги инсталираат тест верзиите од Windows 11, иако на почеток се најави дека системот нема да може да работи на овие компјутери. Од Microsoft најавија дека преку тест верзиите ќе заклучат дали ова да го дозволат и по пуштањето на финалната верзија некаде оваа есен.

Доколку се одлучите дека сакате уште сега да го пробате Windows 11, тоа едноставно можете да го направите. Доколку веќе не сте дел од Windows Insider програмата, ќе треба да се приклучите, на потребната страна автоматски ќе бидете пренасочени по притискањето на Get Started копчето во Settings > Update & Security > Windows Insider Program.

По приклучувањето во Insider програмата, ќе треба да го изберете каналот, а за да можете да ја добиете надградбата на Windows 11, ќе мора да го изберете Dev каналот. Компјутерот еднаш ќе се рестартира, по што стандардно ќе треба да проверите за нови верзии во Windows Update делот.

Првата тест верзија ги има повеќето новини кои Microsoft ги презентира минатата недела. Тоа значи дека доколку ја инсталирате оваа верзија ќе ги добиете новото Старт мени, новиот центар за известувања, делот со виџети, новата File Explorer апликација, новата Microsoft Store апликација, новата Settings апликација, новите теми, звуци и слично.

Тоа што не е достапно веднаш со оваа верзија е интеграцијата на Microsoft Teams, како и достапноста на Android апликации, нешто што ќе биде пуштено во месеците што следат.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаMicrosoft ги објасни минималните побарувања за Windows 11 и ќе ја тестира можноста да овозможи работа и на седмата генерација од Intel процесорите
Следна статијаDeep dive into Data Science – Доделување на стипендија и полустипендија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.