Фото: GSMArena

После Oppo, кои се дел од истата компанија, сега и Vivo влегува на пазарот на преклопливи уреди, односно уреди со екрани кои се превиткуваат. За жал, новиот уред од Vivo, X Fold, ќе биде достапен само во Кина, барем за почеток, па не е познато дали ќе може да се купи во остатокот од светот.

Според дизајнот и концептот, Vivo X Fold е уред на преклоп каков што е Galaxy Fold од Samsung, односно има два екрани, а кога е отворен, уредот се „претвора“ од смартфон, во мал таблет компјутер.

Големината на екраните кај X Fold е 6,53 инчи кај надворешниот и 8,03 инчи кај внатрешниот екран. Двата екрани имаат стапка на освежување од 120 херци, со тоа што поголемиот е направен со LPTO2 технологија со која е овозможува прилагодлива стапка од 1 херц, па нагоре.

Екранот кој се превиткува е направен со „UTG – ultra thin glass“, а производителот е истиот кој го користат и од Samsung.

Тоа што го прави различен X Fold е механизмот за преклопување, односно шарката. Истата овозможува екранот целосно да биде преклопен, со што се овозможува да не се додава на и така веќе поголемата дебелина на уредот кога е затворен.

X Fold е уред од највисоката класа, а тоа може да се види и од компонентите кои се користат. Тој работи на Snapdragon 8 Gen 1 и има 12GB RAM. Батеријата е со капацитет од 4.600 mAh, а може да се полни брзо со 66W, како и со 50W безжично.

Телефонот доаѓа со вкупно шест камери, што е очекувано, односно покрај двете селфи камери, по една на двата екрани, со по 16 мегапиксели, има уште четири камери на задната страна. Тие доаѓаат со сензори со 50 мегапиксели кај главната камера, 48 мегапиксели кај ултра широката камера, 12 мегапиксели кај телефото камерата и 8 мегапиксели кај камерата за поголемо зумирање.

Посебно се истакнува вклучувањето на два сензори за отпечатоци, на двата екрани по еден, кои се направени во подобрата ултразвучна технологија, а не оптичка.

Цената во Кина на Vivo X Fold ќе изнесува околу 1.300 евра, што е поевтино од конкурентните уреди.

ИЗВОРAndroid Central
ИЗВОР 2GSMArena
Претходна статијаРецензија Samsung Galaxy S22 – Познат изглед и многу причини за купување
Следна статијаHonda ќе инвестира 38 милијарди евра за развој на повеќе електрични автомобили до 2030
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.