Неколку денови по најавата, Oppo и официјално го претстави нивниот прв уред на преклопување, односно уред со екран кој се превиткува. Oppo Find N е името на уредот кој ќе се продава за жал само во Кина и беше претставен на INNO Day 2021 настанот од компанија на кој беше претставен и Oppo Air Glass уредот.

Од тоа што може да се види од најавата, но и првите тестови од страна на порталите, Oppo Find N е уред кој сериозно ја има сфатено задачата за конкуренција на пазарот. Иако на почеток и Huawei имаше свој уред, сега може да се каже дека на пазарот на преклопливи уреди присутен е само Samsung, па споредбата на Find N ќе се прави со Galaxy Fold3.

Oppo Find N е направен во истиот стил како Samsung Galaxy Fold3, односно има два екрани, еден внатрешен кој се превиткува и уште еден помал надворешен кој е наменет за користење на уредот во режим на смартфон.

Сепак, со Find N, Oppo се имаат потрудено да ги средат некои од недостатоците кај својот конкурент, па може да се каже дека со тоа е зголемен притисокот кон Samsung за идната година.

Првата работа која се забележува е „landscape“ позицијата на внатрешниот екран кога ќе се отвори, нешто што прави да корисниците нема потреба да го вртат уредот за да го добијат најголемиот формат за гледање на видео и слични активности.

Исто така, надворешниот и помал екран, е направен да биде доволно широк, па дури и поширок малку од стандардните смартфони, со што неговото користење нема да бара прилагодување, иако рамката од левата страна е нешто поистакната поради механизмот за преклопување.

Втората работа по која Oppo Find N посебно се истакнува е механизмот за преклопување кој прави да „фалтата“ на местото каде што се превиткува екранот, скоро и да не се гледа. Oppo овој механизам го нарекува Flexion Hinge и е направен во форма на „капка од вода“, кога се гледа од страна. Со тоа се зголемува површина која е дел од виткањето, без целата работа да падне на многу мал дел кој потоа ќе покажува фалта.

Од Oppo истакнуваат дека овој механизам овозможува 80% помалку забележување на фалтата во споредба со конкуренцијата.

Причината поради која Oppo успева да на пазарот да пушти доволно напреден уред на преклопување е неговиот развој во изминатите години и шест прототип уреди.

Екранот кој се превиткува е заштитен со тенок слој на стакло со дебелина од 0,03 милиметри, а за споредба Oppo истакнуваат дека стандардните екрани имаат слој од 0,6 милиметри. Ова овозможува екранот да биде еластичен, а во исто време да има одредено ниво на заштита.

Овој екран е со големина од 7,1 инч и е изработен со OLED технологија од страна на Samsung. Стапката на освежување му е со 120 херци и со LPTO технологијата која овозможува прилагодување од 1 до 120 херци, зависно од содржината која се прикажува.

Што се однесува до карактеристиките, Oppo Find N работи на Snapdragon 888 и има можност за меморија до 12GB RAM, како и 512GB простор за податоци. Батеријата е со капацитет од 4.500 mAh и може да се полни со 33W полнач.

Главната камера на задната страна е со 50 мегапиксели со сензор од Sony, IMX 766, а достапни се уште ултра широката камера со 16 мегапиксели и камерата за зумирање со 13 мегапиксели.

Цената на Oppo Find N е исто така интересна, па тој во Кина ќе се продава по цена од околу 1100 евра.

ИЗВОРOppo
Претходна статијаСилна поддршка на иницијативите на ИДУЕП за поевтини дигитални услуги за граѓаните – Неопходна е нивна брза и практична примена
Следна статијаЛетало од NASA за првпат леташе внатре во атмосферата на Сонцето
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.