На два дена пред претставувањето на Galaxy S21 телефоните, како што беше најавено, Samsung го претстави чипот на кој ќе работат овие телефони, барем во поголемиот дел од светот и во нашата земја.

Ова е доста важна вест за фановите на Samsung поради тоа што тие оваа година може да очекуваат навистина одлични перформанси од нивниот телефон од највисоката класа кој работи со чипот од компанијата.

Не е тајна дека ланскиот модел не се покажа баш најдобро кога се правеа споредбите со конкурентниот Snapdragon 865. Exynos 990 со перформансите беше поблизок со претходната генерација од Qualcomm, а корисниците можеа тоа во одредени ситуации да го забележат и без објавените тестови и споредби.

Samsung ја почна најавата на Exynos 2100 со најава дека Exynos „ќе се врати“, па од вчера може да се каже дека Exynos „се врати“. Иако уште ги немаме тестовите, затоа што уреди со овој чип ќе бидат претставени првпат утре, сепак од тоа што го гледаме „на хартија“, оваа година корисниците можат да бидат сигурни дека нема да се повтори случајот од минатата.

Exynos 2100 е направен на 5nm технологија со што според Samsung се овозможува 20% намалување на потрошувачката на енергија, како и 10% генерално подобрување на перформансите во споредба со 7nm чипови.

Овој процесор е и првиот од Samsung кој доаѓа со вграден 5G модем, кој ќе ги поддржува повеќето мрежи во светот. Ова значи и дека корисниците од нашата земја кои оваа година ќе ги купуваат телефоните од Samsung со овој чип, ќе бидат спремни кога ќе почне пуштањето на 5G мрежата во нашата земја.

Exynos 2100 работи со осум процесорски јадра, а тие овозможуваат повеќе од 30% подобрување на перформансите кога се користат повеќе јадра. Главното подобрување ќе го видиме преку едното јадро наменето за најдобри перформанси, Cortex-X1 од ARM.

Останатите 7 јадра од процесорот се составени од три Cortex-A78 јадра за високи перформанси, како и три Cortex-A55 јадра за заштеда на енергија. Cortex-X1 јадрото ќе може да работи на фреквенција до 2,9GHz.

Графичкиот процесор кај Exynos 2100 е Mali-G78, а од Samsung најавуваат дури 40% подобрување на графичките перформанси.

Чипот доаѓа и со големо подобрување кај вештачката интелигенција, како и кај процесорот за слики. Генерално корисниците може да очекуваат подобрено автоматско откривање на сцената која се слика, како и во процесирањето на сликите.

Во продолжение можете да го погледнете официјалното претставување на Exynos 2100 од страна на Samsung.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаProject Hazel е концепт за паметна N95 маска од Razr со вантилатор, звучници и LED светла
Следна статијаQualcomm го претстсави 3D Sonic Sensor Gen 2 со поголема површина за скенирање од 77%
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.