Познатиот гејминг бренд Razr на годинешното само онлајн издание на CES 2021 саемот претстави два концепт производи. Едниот е нешто што би се очекувало од оваа компанија, гејминг столче, додека другиот е нешто што не би го направиле да не беше пандемијата.

Концепт производот е маска која треба да биде сертифицирана за заштита со ознаката N95, еден од најмногу продаваните производи минатата година, иако не можеме да ги наречеме популарни.

Маската на Razr уште нема име, а концептот е наречен Project Hazel. Оваа маска секако се разликува од тоа што би очекувале кога ќе помислиме на N95 маска, а истата е и соодветно наречена паметна маска.

Project Hazel е направена од рециклирана пластика, а најважно од се, поголемиот дел од неа е проѕирен со што се остава простор за да се гледа лицето и устата на човекот и со тоа да може да се види како зборува и дали се смее, на пример.

За во темни услови, оваа маска доаѓа со LED сијалички во повеќе бои кои се вклучуваат и треба да го осветлат лицето на корисникот.

Филтрацијата која треба да овозможи филтрирање на барем 95% од честичките, а како што се истакнува и од новиот коронавирус, се прави преку посебни додатоци кои се ставени заедно со два вентилатори.

Вентилаторите се тука да го подобрат протокот на воздух, односно за полесно дишење, а исто така и за проветрување на воздухот во самата маска и намалено вдишување на јаглеродниот диоксид кој се издишува.

Маската исто така доаѓа и со микрофон и мали звучници во филтрите, а замислени се да го засилат звукот од зборувањето на човекот, нешто што обично е придушено до одреден степен од маските, а посебно од N95-ките.

Сепак Project Hazel е само концепт за кој не знаеме дали некогаш ќе стане вистински производ. Со почетокот на вакцинирањето и најверојатно крајот на кризата оваа година, една ваква маска можеби би била погодна за користење во загадените градови, како нашиот.

ИЗВОРRazr
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаВизија за иднината: Samsung ги претстави најновите иновации на саемот за потрошувачка електроника CES 2021
Следна статијаExynos „се врати“ – Samsung го претстави Exynos 2100 со вграден 5G модем и одличното Cortex-X1 јадро
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.