Samsung денеска го одржа својот Galaxy Unpacked настан за кој беше најавено дека ќе биде претставен најмоќниот Galaxy досега. Како што се претпоставуваше, се работи за Galaxy лаптоп компјутери кои може веднаш да се каже ќе овозможат одличен избор на пазарот и мака за конкурентите.

Достапни се четири различни модели, односно 13 и 15 инчни Galaxy Book Pro 360, како и 13 и 15 инчни Galaxy Book Pro лаптоп компјутери. Како што може да се претпостави и од самото име на уредите, тие се од највисоката класа, а 360 моделите доаѓаат со можност за преклопување на екранот и користење во формат на таблет.

Што се однесува до останатите карактеристики, четирите модели се во главно идентични и доаѓаат со 11-тата генерација од Intel процесорите со избор од i3, i5 и i7, како и 8 и 16GB RAM кај 13 инчните модели и 8, 16 и 32GB кај 15 инчните модели.

Графиката очекувано е Intel Iris X кај i5 и i7 процесорите, а UHD кај i3. Iris X графиката е секако доста подобар избор и од Intel уште од најавата истакнаа дека се покажува подобро и од доста дедицирани графички картички.

Екраните се направени во Super AMOLED технологија, специјалноста на Samsung донесена за првпат кај Windows лаптопи. Резолуцијата кај сите модели е 1.920 на 1.080 пиксели, точната големина на екраните е 13,3 и 15,6 инчи.

За простор за податоци корисниците ќе имаат избор до 1TB NVMe SSD диск, тука е и 720p камерата, како и AKG звучниците со Dolby Atmos поддршка. Полнењето се прави преку USB Type-C и е со брзо полнење од 65W. Покрај UCB Type-C портите, достапна е и една Thunderbolt 4 порта.

Samsung дава посебно значење на дизајнот на овие уреди кои се со доста мали димензии, тежат околу 1 килограм зависно од големината и компонентите, а исто така изработени се од издржлив алуминиум, односно серија 6000 алуминиум.

Како што би се очекувало, овие компјутери ќе дојдат со поддршка за LTE и 5G мрежите, а тука е и најновата Wi-Fi 6E технологија за побрза и постабилна конекција во домот и канцелариите.

Со оглед на тоа дека се работи за Galaxy уред, јасно е дека може да се очекува поголема и полесна интеграција со Galaxy мобилните телефони, а во тоа секако помага и повеќегодишната соработка со Microsoft.

Galaxy Book Pro лаптопите можат да се поврзат и со Galaxy Tab таблет компјутер кој би служел како додатен екран. Кај 360 моделите доаѓа и поддршката за S Pen.

На следниот линк достапни се повеќе видеа од Samsung на кои се прикажани посебни карактеристики кои се истакнуваат кај овие нови уреди.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаПрепорака за филм: Side Effects (2013)
Следна статијаРСБСП со апел: Внимателно и одговорно зад воланот за време на празниците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.