Пред да му дадат таков проект во слободен пад каков што е Оскар церемонијата (го режираше ова последново издание, кое патем беше најмалку гледано во историјата на Оскарите), Стивен Содерберг ни даде повеќе топ филмови што и денес се памтат: Ocean’s серијалот, Traffic, Erin Brockovich, Contagion и повеќе други. Човекот едноставно знае да направи добар филм.

Таков беше и Side Effects, со кој каснам повеќе години. Во филмот се дружиме со Емили (Руни Мара) која едвај чека нејзиниот сопруг, Мартин (Ченинг Тејтум) да излезе од затвор поради insider trading. Иако повторно се обединуваат, таа запаѓа во депресија и дури се обидува да си одземе животот. Дел од нејзината рехабилитација е и посета на психијатар, кој и наложува да пие антидепресиви. Но, ова пак ја води Емили кон месечарење и тешкотии со концентрацијата. Во меѓувреме нејзиниот сопруг се обидува да си го врати животот во нормала после излетот зад решетки.

Нема да влагам во спојлери, ама се случуваат некои неочекувани работи во продолженија што го втурнуваат филмот во интересна насока.

Глумците си ја вршат одлично работата. Не ја знам од многу филмови Руни Мара (очигледно е позната по The Girl With The Dragon Tattoo, што не сум стигнал да го гледам), ама супер е во улогата. Верував во секоја нејзина емоција. Ченинг Тејтум го нема премногу во сцените, ама таму каде што се појавува, сосема солиден е. Ми се чини дека неговиот потенцијал за сериозни улоги е малку потценет. Потенцијал кој го покажа во Foxcatcher, кај што патем го видовме и потенцијалот на Стив Карел за сериозни улоги. Сепак, мислам дека шоуто го краде Џад Ло, кој го глуми психијатарот на Емили. Он е колатерална штета на она што се случува, ама има и голем дел од „вината“ за развојот на настаните. Ло покажува што знае и умее овде, како и во многу други негови филмови (меѓу кои и Contagion).

Не знам што е со филмовите на Стивен Содерберг, ама повеќето што сум ги гледал имаат некој препознатлив негов шмек. Изгледај го Contagion и ќе видиш што мислам. Дури и Magic Mike, еден исто така потценет филм од претходната декада, го нуди истото чувство.

Side Effects е филм што лесно може да ти помине под радарот. Ако го прочиташ ова, се надевам дека ќе му дадеш шанса. Ја заслужува.

Претходна статијаCTA го најави CES 2022 како настан кој повторно ќе се одржува со присуство во живо
Следна статијаSamsung ги претстави Galaxy Book Pro 360 и Galaxy Book Pro лаптоп компјутерите