Consumer Technology Association или CTA, која стои зад организацијата на еден од најпознатите настани за технологија во светот, CES, најави дека наредната година CES 2022 ќе се одржи со присуство во живо на посетителите. CES традиционално се одржува во Лас Вегас, а тоа треба да биде случајот и идната година.
Ваква најава имаше и за минатата година, но на време беше откажана со оглед на зголемувањето на COVID-19 случаевите во целиот свет. Настанот се одржа дигитално, а CES 2022 повторно ќе има и дигитална верзија за тие кои сепак нема да можат или сакаат лично да присуствуваат.
Со оглед на тоа што уште е рано, тешко е да се предвиди дали навистина овој пат настанот ќе може да се врати во својата нормална форма на одржување. Кога ќе се земе во предвид започнатата вакцинација, се очекува дека идната година повеќето работи ќе се вратат во некаква нормала, но останува да видиме дали тоа ќе биде така.
Од CTA најавуваат дека околу 1.000 компании веќе го имаат потврдено своето учество на CES 2022, меѓу кои и компании како Amazon, ADM, Dell, Google, Intel, Lenovo, LG, Qualcomm, Samsung и Sony.
„Воодушевени сме да се вратиме во Лас Вегас – домот на CES повеќе од 40 години – и со нетрпение чекаме да ги видиме многуте нови и стари лица. Стотици директори ни кажаа колку им е потребен CES за да можат да запознаат нови и постојни клиенти, да пронајдат партнери, да дојдат до медиумите и да откријат иновации.“ – истакна Гери Шапиро претседател и извршен директор на CTA.
Од организацијата истакнуваат дека ќе продолжат да ги следат препораките за коронавирусот од CDC и соодветно ќе ги информира учесниците.