За време на својот Snapdragon Tech Summit 2021, Qualcomm ја претстави наредната генерација од својот Snapdragon чип од највисоката класа. Како што беше најавено пред некоја недела, ова е првиот чип кој е претставен под новите правила на брендирање и именување од компанијата.

Така, наместо новиот чип да го носи очекуваното име Snapdragon 898, тој сега е поедноставно наречен Snapdragon 8 Gen 1. Оваа класа на чипови ќе продолжи да го носи едноставното име Snapdragon 8, па ќе се менува само генерацијата.

Snapdragon 8 Gen 1 е голем напредок за Qualcomm и од него се очекува дека одлично ќе конкурира на одличните чипови од Apple.

Ова е прв чип од Qualcomm кој е направен со 4nm процес, односно технологија, а исто така е прв кој е направен на основа на новата архитектура од ARM за процесорите, односно ARMv9.

Snapdragon 8 Gen 1 доаѓа со новото Cortex-X2 јадро кое функционира до 3.0GHz, а тука се и дополнителни три јадра за повисоки перформанси Cortex-A710, кои работат до 2,5GHz, како и четири „штедливи“ јадра Cortex-A510 кои работат до 1,8GHz.

Во споредба со ланскиот Snapdragon 888, новиот чип ќе има подобрување од 20% кај перформансите на процесорот, додека троши до 30% помалку енергија.

Qualcomm посебно ги истакнува и подобрувањата кои ќе ги добијат мобилните игри со новиот Adreno графички процесор кој треба да донесе до 30% подобрување кај перформансите со 25% помала потрошувачка.

Новиот Adreno донесува и зголемување на „frame rate“ при играњето, Variable Rate Shading Pro, а донесува и нешто слично на raytracing кај мобилните.

Поголеми новини доаѓаат и кај перформансите поврзани со сликите кај мобилните со новиот Snapdragon 8 Gen 1. Новиот чип овозможува, според Qualcomm, дури 4000 пати повеќе податоци од камерата со што се добива многу подобар динамичен опсег, бои, острина, а сето тоа со поголема брзина на обработка на податоците.

Една новина поврзана со камерите привлекува внимание, а организациите за приватност сигурно ќе имаат што да кажат. Snapdragon 8 Gen 1 овозможува таканаречен „Always-On ISP“, односно константна вклученост на камерата која може да работи со ниска потрошувачка на енергија. Со ова треба да се овозможи брзо отклучување на уредот веднаш штом корисникот ќе го насочи телефонот кон него.

Подобрувања секако има и кај можностите за поврзување, односно 5G, Wi-Fi 6 и 6E, безбедноста, вештачката интелигенција и слично.  

ИЗВОРQualcomm
Претходна статијаТелеком воведува тарифи со неограничен интернет за прв пат на пазарот
Следна статијаЗапочнува Yearly Edy Summit 2021 кој ќе се одржи од 6и до 9ти декември
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.