По завршувањето на зделката со која што Microsoft стана сопственик на делот од Nokia кој што беше задолжен за развојот на мобилните телефони, остана делот кој што развива софтверски решенија. Тие не го кријат фактот дека сега кога веќе не се дел од соработката со Microsoft која што кочеше некои од нивните планови, ќе почнат со сериозен развој за Android платформата. Имаше дури и најави дека развојот за Windows Phone ќе биде намален на сметка на Android, меѓутоа од компанијата смируваат дека развојот нема да биде прекинат.
Првата најава за овој начин на работа дојде при крајот на Август, кога компанијата најави дека има склучено договор со Samsung за донесување на познатите HERE апликации за мапи и навигација, на Android платформата, поточно на почеток ексклузивно за корисниците на некој од Galaxy телефоните. HERE мапите ќе бидат достапни и за останатите корисници на Android, меѓутоа за тоа ќе треба да причекате уште некој месец, ако не и повеќе.
Од денеска официјално е достапна HERE апликацијата во бета верзија за корисниците на Galaxy телефоните, како што беше најавено. Апликацијата е достапна за симнување преку продавницата за апликации на Samsung, па не можете да ја симнете преку Google Play.
Причината поради која што оваа апликација добива толку внимание и е најмногу користена од страна на Windows Phone корисниците е можноста за симнување на мапите од земјите кои што сакате. Тоа овозможува разгледување на мапите многу побрзо, како и навигација без потреба од интернет конекција. Ова е меѓу најважните можности кои што треба една ваква апликација да ги има кога се наоѓате во странство, па не сакате да трошите од скапиот roaming интернет пристап.
Што се однесува до другите функции, HERE ги има сите кои што би ги очекувале од една ваква апликација. Можете да ја разгледувате вашата локација, како и да барате места во околината. Достапна е најава со сметка, со што добивате можност за зачувување на локации во облакот.
За да можете да ја користите апликацијата, треба да имате телефон кој што работи на Android 4.1 и нагоре, како и да има 1 GB RAM или повеќе. Се разбира, исто така потребно е да имате Samsung сметка за да можете да пристапите до нивната продавница за апликации.
Извор: Three Sixty, Engadget