Shutterstock.com

Во секоја криза има некој што сака да профитира, да стекне поголема монетарна ќар од вообичаената (и од чувството дека помогнал на своите сограѓани кога било најтешко). Фирмите што ќе ги покачат цените на најбараните производи во сред криза – иако има за тоа добра причина – се политички и општествено жигосани.

Политичките „профитери“ пак кои ловат во матно некој политички поен плус врз маката на сите, поминуваат под радарот. Наместо да ја користат својата позиција и популарност за споделување корисни совети, подигање на свеста за ризиците, и сл., тие продаваат политичка магла. Наместо конкретни совети и предлози или реална помош на терен (економските „профитери“ барем ни ги полнат полиците во дуќаните!) шират политички манипулации и ја злоупотребуваат неинформираноста на оние кои ги следат.

Еден муабет особено нема никаква логика, но упорно се форсира деновиве – како кризата покажува дека (1) не функционира „слободниот пазар“ („кај ви се сега бизнисите и корпорациите“), односно дека ни е потребна семоќна тоталитарна држава надополнет со (2) „Кина е role-model; ЕУ никаде ја нема“. Иронично е што токму во екот на пандемијата, особено за делот за Кина, целиот наратив е обратен и бесмислен.

Еве неколку непријатни вистини за оваа приказна. Прво за „Семоќната“ Кина.

Кина го ПРИКРИВАШЕ вирусот цел месец

Секако, Кина нема контрола ниту одговорност за природните вируси и појави, но и те како има одговорност и контрола врз начинот на кој се справува со нив. Имено, исто како и со САРС-от во 2003, и тука Кина имаше целосна контрола кога и како ќе ја извести меѓународната јавност (и сопствените жители) – и ја уплеска. Кинеските власти беа ПРИМАРНО фокусирани на својата репутација („кај смее на нивна смена да се случи ваква работа бе!?“) и цел месец не ја известија СЗО за вирусот. Дури и локалните власти во Вухан правеа политички калкулации што и колку од тоа што го знаат да го пренесат на центарот, на политичкиот врв (ако сте ја гледале Чернобил, ќе видите како ова е системски проблем на сите силно централизирани, про-социјалистички модели).

Најлошо, „свиркачите“ кои почнаа да објавуваат дека Кина не е транспарентна, беа прогонувани и заќутувани (дури вчера Кина се извини, постхумано, на фамилијата на Ли Веинланг, докторот кој пробуваше да го предупреди светот за Корона вирусот и беше замолчен од кинеските власти).

Кина можеше да ја спречи глобалната пандемија!

Нетранспарентноста на Кина и фокусот на прикривање на епидемијата наместо нејзино итно митигирање го загрози здравјето на кинеските граѓани и дозволи локална епидемија да биде глобална пандемија. Во студија која инаку е генерално позитивна кон кинеските политики за справување со вирусот, се проценуда дека доколку Кина ги превземеше политиките една, две или три недели порано (а знаеа за вирусот месец и пол!) ќе се намалеше бројот на заразени за неверојатни 95%, 85% односно 60% и значително ќе се локализираше епидемијата.

На крај, впрочем и емпириски е покажано дека тоталитарните модели полошо се справуваат од демократските. Но не очекувам секој да се замара со бројки и анализи. Но може да се уклучи мозок кога веќе некој сака да биде политичар/интелектуалец или генерално да искажува јавни ставови?!

п.с. Реално, сите очекуваа заедничките механизми на ЕУ да функционираат подобро. И бев сериозно изненаден како можеше цела ЕУ, особено главните централни земји, до толку да ја преспијаат кризата и да ги потценат системските ризици од пандемијата?

Сепак, во однос на тоа како Кина еве помага сега (откако направи глобална белја!) а ЕУ никаде ја нема … едноставно, е само пола приказна. ЕУ и помогна на Кина кога и беше најтешко! Сега ЕУ е во криза, а Кина во голема мера ја надмина, па ја враќа помошта! Сосема нормална работа. Зошто ЕУ не помага на Македонија? Едноставно, зошто сме во ист период во криза – земји како Италија, Шпанија, Германија се посериозно погодени и нема помош ни за нив. Исто како што Кина не размислуваше да помага на никој во сред февруари на пример туку си го решаваше дома проблемот.

Претходна статијаСемос Едукација воведува виртуелни училници за online учење и организира бесплатна online обука за наставници
Следна статијаFacebook и Instagram исто така ќе го намалат квалитетот на видео содржината во Европа
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.