Семос Едукација овие денови ги отвори своите виртуелни училници за сите слушатели низ цела Македонија за online учење без граници. Во своето 25 годишно искуство како едукативен центар кој нуди повеќе од 300 различни професионални курсеви и повеќегодишно искуство во спроведување на online обуки Семос Едукација се прилагодува на новонастаната ситуација и интензивно инвестира во инфраструктура која може да обезбеди непречено одвивање на online настава преку своите виртуелни училници.

Online учењето го прави знаењето многу подостапно, отворајќи одлични можности за побрза и полесна работа, како и за усовршување на посакуваните вештини. Виртуелните училници се современ метод на учење, особено развиен во областа на информатичката технологија.

“Свесни сме за ситуацијата, постојано ја следиме состојбата со корона вирусот (COVID-19), и сакаме да ги заштитиме нашите слушатели. За таа цел нудиме можност сите граѓани од целата земја да добијат online пристап до знаење и сертификација која ќе им помогне во нивниот професионален развој. Континуирано работиме на квалитетот на спроведување на обуките. Неодамна спроведовме обуки за нашите тренери и вработени. Семос Едукација само за една недела има спроведено обука за над 360 слушатели во виртуелните училници.” – велат од компанијата.

Истовремено, Семос Едукација како општествено одговорна компанија, ќе организира бесплатна online обука за 1250 наставници од основно и средно образование за користење на алатки кои ќе им помогнат во реализација на нивната online настава. Во очекување сме на насоки од МОН за понатамошна реализација на овој проект. Предвидено е од секое училиште да бидат обучени по двајца наставници кои понатаму ќе ги обучат своите колеги за спроведување на online настава. За таа цел формиран е и проектен тим од Семос Едукација предводен од Наташа Ристеска Тодоровска, Валентина Тасева и Марко Серафимовски. Тимот забрзано работи на креирање на наставна програма за која веќе имаме спремни 5 модули.

“Ќе го споделиме како своето искуство за online настава, така и своите знаења за соодветните алатки кои можат да се користат во наставата. На тој начин се надеваме дека ќе им помогнеме и на наставниците и на учениците и ќе дадеме придонес кон квалитетна реализација на една од најважните општествени активности – воспитно образовниот процес.” – изјави Наташа Ристеска Тодоровска, проектен менаџер.

Голема благодарност до нашите тренери кои се членови на тимот: Бобан Крстев, Василија Узунова, Ивана Мирчевска и Марко Јовановиќ за споделеното знаење и искуство и учество во креирање на оваа програма која ќе овозможи непречено одвивање на наставниот процес во основните и средните училишта ширум Македонија.

Семос Едукација додаде уште една порака: “Останете дома, почитувајте ги мерките на владата, дигитализирајте се и своите активности префрлете ги во виртуелниот свет. Ви стоиме на располагање за сите прашања поврзани со дигитализација, online функционирање и online обуките. Семос Едукација стои на располагање на јавноста за сите прашања.“

Претходна статијаДенеска е Светски ден на водата
Следна статија„Политички“ профитери сред пандемија