Една од поголемите новини кои беа најавени при претставувањето на Windows 11 изминатото лето беше можноста за инсталација на Android апликации, исто како да се било која друга апликација на компјутерот.

Сепак, во месеците кои следеа и Windows 11 беше достапен во тест фаза, достапноста на Android апликациите не беше пуштена, а беше и најавено дека финалната верзија од системот, која веќе е достапна, нема веднаш да ја добие оваа функции. Официјалната достапност на Android апликациите беше најавена за месеците што следат, па сега Microsoft конечно почнува со нивно тестирање.

Можноста за инсталација на Android апликации е пуштена за бета верзија од Windows 11, односно најновата верзија од системот во бета каналот од Windows Insider програмата. Исто така, во оваа фаза функцијата е достапна само за корисниците во САД.

Како што беше најавено уште од почетокот, Android апликациите ќе бидат достапни преку Amazon Appstore, а не преку Google Play Store. Ова е нешто што не би требало да направи некоја посебна разлика за корисниците поради големата популарност и на продавницата од Amazon, па не би требало да има било каков недостаток во изборот.

Во оваа тест фаза апликациите се инсталираат преку посебната Amazon Appstore апликација, а можноста за функционирањето на оваа, како и другите Android апликации доаѓа преку Windows Subsystem for Android.

Ова во основа е виртуелна околина прилагодена за да може на неа да функционира одреден оперативен систем кој не е Windows. Microsoft веќе со години има ваков систем за Linux, кој сега овозможува и пуштање на апликациите од Linux со нивниот графички интерфејс.

По инсталацијата на некоја од сега 50те достапни Android апликации, тие стануваат достапни во Старт менито, а може да се прикачат и на таскбарот. Со други зборови, овие апликации ги имаат сите можности кои ги имаат стандардните апликации направени за Windows. Тоа значи дека тие може да се поставуваат една до друга преку Snap функцијата, ги има во листата преку Task View, може да се отвораат со Alt+Tab, а исто така може да прикажуваат известувања преку Action Center.

Од тоа што можевме да видиме од американските портали, апликациите функционираат доста брзо и уште сега се гледа дека оваа функција дефинитивно ќе биде една од подобрите на Windows 11.

Една можна маана, барем во оваа фаза е што Windows Subsystem for Android троши нешто повеќе ресурси, па корисниците кои имаат послаби компјутери може да забележат по некој проблем. Добро е што системот има можност да се вклучува само по потреба, па да не го оптоварува компјутерот цело време.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаSamsung Electronics – еден од петте најдобри светски брендови на листата на Interbrand
Следна статијаTRUTH Social е новата друштвена мрежа од Доналд Трамп која ќе стане достапна идната година
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.