Microsoft Edge, кој сега се развива на основа на отворениот код од Chromium, од денеска треба конечно да ја добие својата прв официјална верзија која е наменета да се користи од страна на сите корисници.

Новиот Microsoft Edge стана достапен минатиот април за сите заинтересирани корисници, но во тест форма, па не беше препорачливо да се користи како главен прелистувач за повеќето корисници.

Бета верзијата, која и го означи крајот на развојот на првата официјална верзија, стана достапна при крајот на август минатата година, а подоцна Microsoft претстави и ново лого за нивниот нов прелистувач.

Финалната верзија од прелистувачот беше најавена за 15-ти јануари, односно за денес, па се очекува Microsoft да почне да го надградува стариот Edge на оваа нова верзија. Потоа, секоја наредна верзија ќе се надградува од самиот прелистувач, како и другите прелистувачи, односно веќе нема да зависи од Windows Update системот.

Доколку веќе сте корисник на бета верзија или некоја од тест верзиите, тие ќе останат независно инсталирани, односно финалната верзија ќе биде посебно инсталирана, на местото на досега достапниот Microsoft Edge со Windows 10.

Новиот Microsoft Edge иако е развиен на Chromium, како што е случајот и со уште неколку други популарни прелистувачи направени со кодот од Chromium, ќе биде доволно различен и со свои функции.

Главната која го прави Edge привлечен за користење е воведувањето на посебен дел за блокирање на таканаречените интернет тракери, а корисниците ќе имаат избор од три нивоа на блокирање.

Неколку уникатни функции кои беа најавени ќе бидат постепено пуштани, односно нема да бидат достапни во првата официјална верзија, како што не станаа достапни и во бета верзијата.

За разлика од досегашниот Microsoft Edge, кој беше екслузивно достапен само на Windows 10, новата верзија е достапна и за другите Windows верзии, на macOS, а се најавува можна идна достапност и на Linux.

Претходна статијаFacebook ќе ги известува корисниците кога ќе се најават на други сервиси со својата Facebook сметка
Следна статијаНајновиот безбедносен пропуст на Windows 10 беше откриен и пријавен од страна на NSA
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.