Во стандардниот „Patch Tuesday“ вчера, Microsoft издаде безбедносна надградба за Windows 10 која влегува во категоријата на сериозни и која се препорачува веднаш да биде инсталирана, односно да не се одложува.

Надградбата прави исправка на безбедносен пропуст во Windows 10 кој може да овозможи малициозни апликации да „поминат“ како легитимни со официјален потпис на самата апликација. Доколку ги разбирате и сакате да ги прочитате деталите за овој пропуст, истото можете да го направите тука.

Тоа што привлече внимание кај оваа надградба, покрај сериозноста на пропустот, беше и страната која го има откриено пропустот и го има пријавено кај Microsoft за да може да го исправи.

Се работи за, слободно можеме да ја наречеме озлогласената, NSA, односно Националната Агенција за Безбедност на САД, која не ретко беше во вестите за тоа како ја нарушува приватноста на граѓаните на САД, но и остатокот од светот. Најголемиот дел од информациите за практиките на NSA излегоа по пуштањето на истите од страна на сега веќе многу познатиот Едвард Сноуден.

Еден од најсериозните пропусти кој беше долго време злоупотребуван од страна на хакерите беше WannaCry, а токму NSA се сметаат за развивачите на алатката користена од страна на хакерите за искористување на пропуст во Windows. Од агенцијата се имаат решено да не го пријават пропустот, туку да го злоупотребат, па проблемот потоа излегува на површина по непланираното излегување на алатката во „јавноста“.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.