Фото: Shutterstock.com

Веќе можевме да прочитаме дека по претставувањето на Windows 11, а со тоа менување на политиката дека Windows 10 ќе биде последниот Windows, Microsoft се имаат вратено на претходниот тригодишен циклус на пуштање нова верзија од овој оперативен систем.

Со ова неофицијалните извори сакаат да кажат дека може да се очекува пуштање на Windows 12, а според тоа кога беше претставен Windows 11, такво нешто може да се очекува во 2024.

Сега гласините повторно го истакнуваат ова и најавуваат дека Windows 12 можеме да го очекуваме до крајот на идната година, односно во периодот од годината кога Microsoft обично ги пушта своите поголеми надградби.

Од тоа што може да се прочита, Windows 12 нема да биде драстична надградба каква што беше Windows 11. Тоа е и очекувано кога почесто се пуштаат нови верзии, па Windows 12 треба да биде само продолжеток на започнатата работа со сегашната верзија.

Како главна новина кај овој систем се најавува промена кај долната лента, која сега треба да биде „лебдечка“, односно да се издвојува од краевите на екранот. Ова би било доста голема промена за Windows и може да се каже дека оваа лента ќе почне да наликува доста на „док“ лентата од macOS.

Дека на ваква промена навистина се работи можевме да видиме во октомври минатата година кога Сатја Надела за време на презентација користеше ваква верзија од Windows.

Покрај оваа визуелна промена, тоа што се очекува од Windows 12 е уште поголема интеграција на вештачката интелигенција која во Windows 11 ќе ја видиме оваа година во форма на Windows Copilot функцијата.

За Windows 12 исто така се очекува и поголеми промени во позадината на системот, односно модернизирање на кодот со негова оптимизација и воведување на функции како поделба на системските датотеки во различни партиции, намалување на големината на системот и слично.

ИЗВОРTechSpot
Претходна статијаShazam сега може да ја препознава музиката во апликациите како TikTok, Instagram и YouTube
Следна статијаНаредниот iMac треба да дојде со 32 инчен екран и веќе е во развој
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.