За време на Microsoft Ignite конференцијата, директорот на компанијата Сатја Надела, при неговата презентација користеше Windows со кориснички интерфејс кој не е стандарден и кој досега не е виден.

„Таскбарот“, кој е препознатлив за Windows одамна, на презентацијата беше одвоен од долниот дел од екранот, како и од страните, па заедно со заоблените ќошиња изгледаше како да лебди.

Овој дизајн избор може да се спореди со „докот“ на macOS, со таа разлика што е поставен од крај до крај и неговата ширина не се менува зависно од бројот на поставени икони, како што е случајот на macOS.

Од левата и десната страна на таскбарот нема ништо, односно на него се поставени само иконите од апликациите, а часовникот и останатите информации, како и копчето со временска прогноза за „виџетите“ се поставени на горната страна од екранот, со што корисничкиот интерфејс уште повеќе потсетува на macOS или на доста од Linux дистрибуциите со кои macOS е посличен.

Од Microsoft не даваат никакви информации за што е тоа што се гледа на компјутерот на Сатја Надела, па останува да претпоставуваме и шпекулираме.

Со оглед на тоа дека презентацијата тој ја има направено користејќи Surface Studio компјутер, може да се претпостави дека ова не е промена планирана за сите корисници, туку само за тие кои користат уред со екран на допир. Поточно, ова може да претставува поголема промена и разлика од десктоп изгледот на Windows и изгледот кога се користи како таблет компјутер или со било кој екран на допир.

Овој кориснички интерфејс дефинитивно изгледа интересно и би бил една од најголемите промени кај Windows по преместувањето на Старт копчето од левата позиција, на средина со Windows 11.

Претходна статијаSamsung претстави проширен екосистем на уште поповрзани и разновидни услуги за следење на здравјето и благосостојбата
Следна статијаTruth Social на Доналд Трамп стана достапна во Play Store на Android
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.