Microsoft Surface Duo е името на новиот уред од Microsoft со којшто тие се враќаат на пазарот за паметни телефони. Овој пат тој ќе работи на Android, не на Windows 10, на посебно прилагодена верзија од оперативниот систем која до некаде наликува на исто така ново претставениот Windows 10 X.

Главната карактеристика на овој телефон е двојниот екран којшто овозможува користење во повеќе позиции, од обичен телефон, таблет компјутер, па до мини лаптоп за полесно куцање на софтверската тастатура.

Со достапноста на Play Store и сите апликации во неа, Surface Duo го решава главниот проблем на Windows 10 Mobile и може да се очекува да постигне многу поголем успех. Тоа што програмерите ќе треба да го направат е да креираат апликации кои на креативен начин ќе можат да го искористат постоењето на два екрани.

Кога сме кај двата екрани, тие овозможуваат поделба на работата со користење на две апликации во исто време, но исто така и проширување на една апликација, како на пример таа за имејл пораки и слично.

Екраните се направени во LCD технологија и се прилично тенки и заштитени со Gorilla Glass, со што се овозможува да уредот е тенок и кога е затворен, кога двата екрани се поставени еден врз друг.

Ова секако нема да биде првиот телефон со два екрани на пазарот, но е првпат да дојде од компанија како Microsoft, а соработката со Google само ќе овозможи повеќе шанси за успех.

Исто така, Surface брендот стана навистина популарен изминатите години, па можам да замислам дека голем број од корисниците на Surface Pro и другите Surface уреди, би сакале да користат и телефон од овој бренд.

Microsoft Surface Duo сега беше само најавен, а ќе биде официјално достапен идната година, до крајот на годината. Сите дополнителни информации ќе ги дознаеме до тогаш, односно цената, резолуцијата, карактеристиките, иако од презентацијата се виде дека овој уред ќе работи на Intel процесор.

Претходна статијаMicrosoft ќе им овозможи на сите бизниси да платат за продолжена поддршка за Windows 7
Следна статијаMicrosoft Surface Neo е уред со два екрани кој ќе работи на Windows 10X
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.