Како што се очекуваше, Microsoft официјално ја најави и пушти најновата надградба за нивниот Windows 11. Се работи за таканаречената „moment“ надградба кои ги има неколку во текот на годината, на страна од едната поголема која обично се пушта во есен.

Главниот акцент на оваа надградба е секако Copilot, интеграцијата на генеративната вештачка интелигенција директно во Windows 11. Со надградбата Copilot добива нови можности, а како главна се смета поддршката за додатоци, која сепак не прави голема разлика во нашата земја.

Со додатоците, корисниците можат да го поврзат Copilot, исто како што тоа досега беше можно преку веб, со сервиси како американскиот OpenTable, па да резервираат маса во некој ресторан директно од Windows 11.

Како што беше веќе најавено, Copilot добива поголема интеграција со системот, па корисниците сега ќе можат да прават повеќе со овој „асистент“. Cipilot сега може да го вклучува и исклучува режимот за заштеда на батеријата, да прикажува информации за уредот, за батеријата и слично, да ги прикаже достапните Wi-Fi мрежи и цела листа која е достапна тука.

Photos апликацијата добива нова можност за бришење на одредени делови од сликите, како што тоа е веќе популарно и достапно кај Samsung телефоните, а Clipchamp апликацијата за видеа добива можност за бришење на тивките делови од видеото.

Оваа надградба донесува и подобрување кај поврзувањето на Android телефоните со Windows, па корисниците ќе можат да ги гледаат најновите слики, а уште поважно, ќе можат да ја користат камерата од нивниот телефон на компјутерот за видео повици.

Уште една промена е претходно најавена, а може да се каже дека е доста важна. Се работи за можноста за тргање на вестите од Microsoft во делот за „виџети“, па сега овој дел може да стане навистина корисен, а корисниците ќе ги поставуваат само тие информации кои им се потребни.

Snap Layouts функцијата, која овозможува поставување на прозорите на делови од екранот, добива помош од ВИ, па функцијата ќе може да запамти каде корисникот најчесто ги поставува прозорите од одредени апликации и слично.

Од Microsoft истакнуваат дека како и досега, пуштањето на оваа надградба ќе оди постепено. Тие што би сакале веднаш да ја инсталираат тоа ќе можат да го направат доколку ја вклучат опцијата „Get the latest updates as soon as they’re available“, иако ова не гарантира дека веднаш ќе ја повлече најновата надградба.

За останатите, надградбата ќе биде пуштана постепено во текот на овој месец, а се очекува дека процесот ќе заврши до април. Надградбата ќе можат да ја инсталираат корисниците кои се на Windows 11 23H2 и 22H2 верзијата од системот.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаSamsung доби 75 признанија на iF Design Awards 2024
Следна статијаНаскоро започнуваат деновите на италијанскиот дизајн во Скопје
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.