Microsoft се подготвуваат да ја пуштат првата надградба со нови функции за оваа година. Иако истата се’ уште не е официјално најавена, Windows Central ја најавува „February 2024 Moment“ надградбата која треба да биде петта ваква надградба на Windows 11.

Според информациите, оваа надградба може да се очекува на 27 овој месец, како „опционална“ надградба која обично е наменета за корисниците кои почесто проверуваат за нови верзии и сакаат да ги инсталираат пред другите, но без да се вклучат на Windows Insider програмата. За останатите може да се очекува на почетокот од март, а подоцна и како автоматска надградба.

Windows 11 February 2024 Moment ќе им биде достапна на корисниците кои се на 23H2 верзијата од системот, па тие кои не се на таа верзија, ќе мора прво да ја инсталираат истата, која моментално е најновата.

Иако не се работи за доста голема надградба, Moments се замислени како помали, сепак February 2024 Moment донесува не така мала листа на новини. Посебно се истакнуваат тие кои се наменети само за корисниците на ЕУ, поради новите европски закони, но има и уште неколку за сите корисници.

Новините кои се изнудени од ЕУ се можноста за бришење на Edge апликацијата и можност за избор на друг пребарувач во Windows Search. Тука може да се додаде и можноста за тргање на вестите од Microsoft во делот за „виџети“, но оваа новина сепак ќе им биде пуштена на сите корисници во светот.

Во оваа надградба Microsoft ќе воведе и подобрувања на Copilot интеграцијата, па сега лентата која се појавува од десната страна ќе може да се „откачи“ и да се помести на било која позиција. Исто така, корисничкиот интерфејс ќе биде поголем, а ќе се прикажува и како посебна апликација со „Alt+Tab“ командата. Корисниците ќе можат да го користат Copilot на повеќе екрани, односно ќе може да се префрлува од еден на друг екран, а не само на главниот.

Со February 2024 Moment доаѓа и интеграцијата на вештачката интелигенција во Snap Layouts функцијата, па корисниците ќе добијат помош при поставувањето на прозорите на различни страни од екранот.

Официјалната најава на надградбата може да се очекува наскоро, па ќе ги видиме сите новини кои ќе бидат пуштени.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаПокачувањето на цените на iPad Pro моделите со OLED екран изгледа нема да биде колку што се претпоставуваше
Следна статијаОпштина Петровец се вклучува во „Крени глас против врсничко насилство“ на „Макпетрол“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.