Screenshot1

Joe Belfiore, омилената личност на Windows фановите, денеска преку ново видео и блог статија ја најави Phone Companion апликацијата која што ќе биде дел од Windows 10. Оваа апликација ќе биде направена да ја олесни работата на оперативниот систем со мобилните телефони, без разлика на која платформа работат, односно дали се Windows Phone, Android или iOS.

Во основа Phone Companion е апликација која што ќе ги промовира сервисите и апликациите кои што Microsoft со нивната нова стратегија ги направи достапни на сите платформи. Доколку вклучите Windows телефон, апликацијата ќе ве извести дека нема што дополнително да правите и дека сите сервиси кои го поврзуваат телефонот со десктоп компјутерот се поставени.

Доколку вклучите некој од другите две платформи, ќе ви биде понудено да инсталирате апликации кои што ќе ви овозможат унифицирано искуство помеѓу вашите уреди. Па така, можете да инсталирате OneDrive кој што сите ваши слики ќе ги чува во облакот и ќе ги прикажува на сите уреди. Можете да ги инсталирате Office апликациите кои што ќе бидат унифицирани низ различните платформи и слично.

cortana-android

Она што сепак привлече нешто повеќе внимание беше можноста да ја инсталирате Cortana на Android и iOS. Таа ќе биде достапна како посебна апликации и ќе ги извршува скоро сите функции кои што и се достапни на Windows платформата. Ќе недостасуваат само тие кои што бараат поголема интеграција со оперативниот систем, а тоа е нешто што Microsoft не може да го направи освен на својот.

Достапноста на Cortana на другите платформи беше најавувана неофицијално досега неколку пати, па ова е првпат тоа да биде потврдено од страна на Microsoft.

Новата апликација, како и достапноста на Cortana директно го покажуваат новиот начин на работа на компанијата кој што подразбира достапност на сите платформи, а не само на Windows. Тоа се разбира е неопходно со оглед на малиот пазарен удел на Windows кај мобилните телефони.

Извор: Microsoft, The Verge

Претходна статија“Jailbreak” на iOS 9 треба да биде скоро невозможен
Следна статијаНовиот Skype за Windows 10 нема да биде достапен веднаш
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.