По пуштањето на најновата и јавна верзија од ChatGPT од OpenAI, овој досега најнапреден „четбот“ нагло доби огромна популарност, а слободно може да се каже и дека ги загрижи дел од луѓето со својата способност.

Набрзо после тоа можевме да прочитаме дека Microsoft планира да ја интегрира оваа алатка во нивниот интернет пребарувач Bing, нешто што ги има загрижено во компанијата која го има пребарувачот број 1, Google. Од Microsoft најавуваат и поширока употреба на алатките од OpenAI, па во иднина можеме да очекуваме поголема интеграција на вештачката интелигенција во производите од компанијата, па дури и Windows.

Една од првите интеграции на OpenAI стана достапна преку Microsoft Teams, преку Premium претплатата, сега достапна за сите корисници.

Работата на интеграција на ChatGPT во Bing изгледа е во доста поодмината фаза и поблиску до официјално пуштање од што мислевме. Според неколку корисници, при обично отворање на Bing страната, им се има вклучено новата верзија, која подоцна веќе била исклучена.

Студентот и дизајнер Овен Јин, го има искористено периодот додека новата верзија функционирала, па истата ја има испробано, а има направено и неколку слики.

Според Јин, кој го опишува неговото искуство во објава на Medium, новата верзија се вклучува преку посебно копче со ознаката Chat. Со притискање на ова копче, се отвора нова страна која наместо стандардната лента за пребарување, има поголемо поле во кое како совет стои дека треба да се внесе конкретно прашање со повеќе зборови.

Ова значи дека пребарувањето преку Bing во иднина ќе почне да се прави преку поставување на директни прашања, како што би ги поставиле на човек.

Bing ќе ја има можноста да го разбере тоа прашање, а како што истакнува Јин, се добиваат и прашања назад со цел подобро да се разбере прашањето на корисникот.

Тоа што е добро е што Bing ќе има пристап до најновите информации, за разлика од ChatGPT алатката која беше ограничена на информации до 2021. Исто така, според информациите Bing ќе ја има интегрирано поновата верзија од алатката, односно ChatGPT 4, која е побрза.

Нема информации за тоа дали овие слики се вистинити, но не гледаме причина зошто не би биле. Пуштањето на тест верзија барем од Bing веруваме дека е блиску, па наскоро сите ќе можеме да ја пробаме.

Јин дава пример со поставено прашање за тоа за кој филм Bing е најмногу возбуден, по што добива цел одговор во кој има и дополнителни прашања.

Исто така, се истакнува дека после одговорите достапни се и линкови од каде се добиени информациите, нешто што е доста важно при разговор со вештачка интелигенција, со цел да може да се истражи одговорот.

Ова е важно зошто се истакнува дека вештачката интелигенција некогаш може да си даде одредени одговори кои не се баш точни, па веќе некои луѓе предупредуваат дека ќе настанат проблеми со погрешни дијагнози, на пример. Ние би додале дека луѓето кои немаат навика да ги истражат информациите, веќе погрешно се информираат и од другите нивни извори, така да некоја голема разлика не би имало.

ИЗВОРWindows Central
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаMicrosoft Teams Premium достапен за сите корисници со дополнителни функции и вештачка интелигенција од OpenAI
Следна статијаApple размислува да додаде уште поскап модел кај iPhone серијата идната година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.