Две години по суспендирањето на профилите на Доналд Трамп на двете друштвени мрежи од Meta, Facebook и Instagram, од компанијата донесоа одлука да ги тргнат суспензиите и да ги вратат профилите да бидат јавно достапни. Оваа одлука беше донесена како што беше најавено пред година и нешто, односно дека суспензијата ќе биде поставена со рок од две години, по што во јануари 2023 ќе се разгледа случајот повторно.
Од компанијата сега најмногу се повикуваат на правото на слобода на говор и дека друштвените мрежи треба да бидат место каде што ќе има отворена дебата и слободен тек на идеи. Тие додаваат дека е важно да може да се чуе гласот на политичарите, доброто, лошото и гадното, за да гласачите можат да ги донесат своите одлуки за гласање на информиран начин.
Од Meta додаваат дека враќањето на профилите на Трамп не значи дека луѓето на нивните платформи можат да кажат што сакаат, па каде што има вистински ризик од наштетување, тие веднаш би реагирале. Тука може да се каже дека е и проблемот со друштвените мрежи, што користат релативни термини како наштетување, а јасно е дека за луѓето различни работи може да влезат во таа категорија.
Порано, проблематични објави се сметаа само тие кои директно повикуваат на насилство, без простор за различно толкување и манипулација. Во денешно време штетноста на некоја објава се мери според ставовите на сопственикот на мрежата, па не ретко може да се видат двојни стандарди.
Како што е познато, профилите на Доналд Трамп беа суспендирани во јануари 2021 за време на прогласувањето на победникот на претседателските избори од 2020. Обвинувањата се дека Трамп не само што не ги осудил или да се обиде да ги спречи, туку тој ги има иницирано и мотивирано луѓето кои влегоа во Конгресот.
Покрај профилите на платформите на Meta, Трамп беше тргнат и од Twitter, YouTube, а му беше откажана соработката и од уште неколку други платформи и сервиси.
Twitter веќе ја врати сметката на Трамп при крајот на минатата година, а не е познато дали вакви одлуки ќе донесат и другите платформи.
Исто така, не е познато дали Трамп планира повторно да почне да ги користи овие платформи, Twitter уште нема почнато да го користи. Според информациите, Трамп има обврска да објавува на TruthSocial, а тие објави може да ги објави и на други мрежи после одреден рок, со исклучок на неколку видови на објави.