За развојот на автомобили кои што можат самите да управуваат можеме да прочитаме доста во последните години. Се разбира ќе помине доста време додека сцените од одредени филмови станат реалност, односно додека дојде времето кога ќе престанеме да ги возиме нашите автомобили и тие ќе не пренесуваат со едноставна гласовна команда. Меѓу поинтересните концепт автомобили е тој на Google кој што е направен без волан и педали, односно тој е наменет за целосно самостојно возење без потреба и можност за интервенција од возачот, односно во случајот патниците.
Она што сепак е важно со развојот на оваа технологија, нешто што многу порано ќе го видиме имплементирано во автомобилите, е можноста тие во одредени ситуации самите да управуваат и со тоа да го намалат бројот на сообраќајни незгоди и слични проблеми поврзани со нив. Во оваа статија пишуваме за камионите кои што поминуваат огромен број на километри, а за возачите важат строги правила поврзани со нивото на одмореност и слично. Можеби меѓу потенцијално најризичните места за возење на долги релации се автопатите кои што иако се со повеќе широки ленти, прегледност, тие се прилично монотони и на нив се вози со големи брзини. Ова ги прави прилично ризични, посебно што често се случува возачите да заспијат.
Daimler компанијата претстави камион кој што планира да го пушти во производство после 10 години, кој што треба да ја зголеми безбедноста на автопатите, а од друга страна да им овозможи на шоферите да се одморат, па дури и да завршат некоја работа. Ова е возможно поради тоа што автопатите се многу поедноставни за управување од страна на компјутер, па често системите кои што се развиваат се токму направени за нив. Може да се каже дека преминот кон паметните само – управувачки автомобили ќе биде предводен од новите понапредни cruise control системи.
Камионот е наречен Mercedes-Benz Future Truck 2025 и вклучува систем од камери и радари поставени на предната страна. Системот возачот може да го вклучи по достигнување на брзина од 85 километри на час, што претставува и неговата максимална брзина. Додека системот е вклучен возачот може целосно да ја препушти контролата на управувањето и како што претставуваат во презентацијата, да заврши одредени активности.
Системот е составен од два радарски сензори за блиско и далечно детектирање на близината на возилата и објектите и претставува основа за работа на системот за кочење. Тој е составен и од две камери кои што ги детектираат лентите на автопатот, автомобилите, пешаците, како и одредени објекти.
Развојот на ваквите системи сигурно ќе придонесе кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, посебно на отворените патишта, а со тоа и на намалување на незгодите. Шоферите во одредени ситуации ќе може да одморат, а исто така овие системи ќе реагираат во ситуации кога шоферите не се во можност или ја немаат навреме забележано потенцијалната опасност.