Во денешно време на помалку активен живот, проблемите со тежината и здравјето се поголеми од било кој период во историјата. Исто така со развојот на интернет, луѓето многу лесно можат да дојдат до огромен број на информации поврзани со здравион начин на живот и со тоа да се обидат да преземат нешто со што ќе го подобрат својот животен стил.
Фитнес уредите денеска се едни од најпопуларните производи, што се гледа и од претставувањето на новите паметни уреди за носење оваа година. Денеска луѓето се во можност да ја следат својата активност, да го мерат пулсот, да водат дневник на внесената храна и сето тоа преку неколку едноставни апликации. Меѓутоа она што се’ уште ниту една од овие апликации не може да го направи, е да ги измери калориите во храната која што ја јадете автоматски и точно. Апликациите кои што се користат ја прикажуваат калориската вредност на храната врз основа на дата бази на голем број на јадења, меѓутоа постои одреден степен на грешка, посебно доколку не ги внесете точните податоци.
Група на развивачи од GE Global Research од Америка имаат изработено прототип од уред кој што доколку биде направен во финален производ некогаш, треба да ја покажува калориската вредност на храната која што планирате да ја јадете со притискање на едно копче. Начинот на кој што го врши мерењето на храната е преку користење на микро бранови кои што на различен начин поминуваат низ водата и мастите. Па така, овој уред ги мери водата, мастите и тежината на храната која што е поставена на него, па потоа врз основа на формула направена со истражување на дата база на хранливи состојки, ја предвидува калориската вредност на истата.
До сега уредот е тестиран на повеќе од 50 јадења, за што истражувачите тврдат дека тој точно ја покажува калориската вредност на храната со маргина на грешка од 5 до 10 проценти. Повеќе информации за формулата не се покажани, па се поставува и прашањето дали е можно еден ваков уред да функционира како универзален мерач на калориите и тоа да го прави без или со минимална грешка.
Пред одреден период претставивме уред кој што веќе успешно ги собра потребните средства на Kickstarter, кој што има способност да го мери хемискиот состав на храната и со тоа покрај другото да ја прикаже и калориската вредност. Уредот е наречен SCiO и за него можете повеќе да прочитате на следниот линк.