Apple стандардно како и секоја година ги претстави наредните верзии од нивните оперативни системи во рамките на WWDC конференцијата. Веднаш после конференцијата програмерите имаат можност да ги тестираат, а оваа година таа можност беше достапна и без потребната претплата како програмер.
Како и да е, сепак за повеќето корисници посигурно е доколку сакааат да ги тестираат овие системи, тоа да го направат со јавната бета верзија која е доста постабилна и има поминато неколку недели на тестирање од страна на програмерите.
Од вчерашниот ден, Apple официјално ја пушти својата јавна бета програма за нивните нови системи, па сите корисници сега можат да ги инсталираат и да ги користат пред официјалното пуштање во есен.
Како и секогаш, треба да се има во предвид дека се работи за бета софтвер, па не се препорачува да се инсталира поради можните проблеми, но искуството има покажано дека тие не се толку чести. Затоа во никој случај не треба да се инсталираат на единствениот компјутер кој се користи за важна работа.
Достапни за инсталирање се iOS 17, iPadOS 17, watchOS 10, macOS 14 Sonoma, како и tvOS 17.
За разлика од досега, инсталирањето на бета верзиите веќе не се прави преку регистрирање на страна од Apple, па симнување на профил датотека. Сега во делот за проверка за нов софтвер достапен е дел за бета верзии, од каде се што треба е да се избере саканата моментално достапна верзија.

Главните новини кои можете да ги очекувате со овие верзии се додавање на интерактивни „виџети“ кај iOS и iPadOS, а тука е и можноста за креирање на „постер“ кој корисниците ќе го гледаат кога ги барате на телефонски повик или тие ве бараат вас.
Доста голема новина е додавањето на „виџети“ кај watchOS, а системот добива и уште неколку подобрувања поврзани со дизајнот, анимациите, како и апликациите од Apple.
„Виџетите“ се исто така важен дел од macOS Sonoma, па тие сега можат да бидат додадени на самиот десктоп, а уште подобро, достапни се и тие кои корисникот ги користи на нивниот iPhone.
Новата верзија за Apple TV донесува можност за Continuity Camera, па сега корисниците ќе можат да го користат нивниот iPhone или iPad како камера за да прават FaceTime разговори преку нивниот телевизор.