Пред 10тина години, тројца нобеловци (Штиглиц, Сен и Фитуси) изработија извештај по барање на Француската влада за „мерењето на економскиот и општествениот напредок“. Како што објаснуваат и они „она што го мериме влијае на она што го правиме; и ако нашите мерења се фалични, ќе бидат такви и нашите одлуки“. А постојните мерења на БДП-то имаат еден куп фалинки, како на пример, гужвите во сообраќај може да влијаат позитивно за БДП-то поради зголемена потрошувачка на бензин, но очигледно дека влијаат негативно врз квалитетот на живот (скоро сите проблеми со БДП-то се обработени во Извештајот).

Во последно време, нормално, БДП се критикува и од аспект дека не ја опфаќа сета вредност (consumer surplus*) која ја создаваат бесплатните онлајн услуги и апликации како што се социјалните мрежи, мапите, бесплатните книги, пребарувачите, итн. Аналитичари од МИТ пробаа да проценат колку всушност вредат сите овие бесплатни услуги и производи (иако не се баш бесплатни).

На пример, Фејсбук вреди помеѓу $40 и $50 месечно за Американците…додека пак WhatsApp ја вреднуваат неверојатни $611 месечно. Во Европа, дигиталните мапи на мобилните се вреднуваат некаде ~ $67 месечно.

Според слично истражување, сите бесплатни апликации кои денеска ги имате во мобилен, т.е. во џеб, вредат околу $900.000.

А сето ова не влага во проценките на БДП-то (или се вкалкулирува на многу потценет начин). На пример, иако ИТ индустријата е веќе дел од секој дом и активност скоро, ИТ секторот се’ уште има удел во националните економии од околу 5%, слично ниво како пред 30 години. Претприемачот Исак Мурхаус има добар коментар за темата:

Фактот дека никој не знае баш како да ја пресмета вредноста на Интернетот и другите информациски технологии, најверојатно е причина сите ние да земаме здраво за готово колку е поразвиен светот околу нас него што се жалиме, и колку е светла иднината пред нас.

Споредете го овој пазар со сите „бесплатни“ државни услуги кои коштаат ѓавол и пол реално, а имаат сомнителен квалитет!

*Consumer surplus = разликата помеѓу она колку би платил потрошувачот vs износот кој реално го плаќаат.  

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.