ios-8-screens

Достапноста на надградбата беше најавена минатата недела на претставувањето на новите генерации од iPad и Mac компјутерите. Според промената на бројката на верзијата може да се види дека се работи за нешто поголема надградба од обично подобрување на перформансите и исправка на багови, иако се разбира и тие се вклучени во верзијата.

Главната новина која што доаѓа со iOS 8.1 и која што би била корисна за корисниците во Македонија е поддршката за Continuity. Оваа нова функција е можеби меѓу најинтересните и најкорисните функции воведени за корисниците. Continuity овозможува извршување на одредени работи од различни уреди, односно можност за правење и добивање на телефонските повици од iPhone на вашиот Mac компјутер, добивање и праќање на SMS пораки од компјутерот, започнување и продолжување на одредена работа од еден на друг уред, како и можност за споделување на интернет конекцијата од мобилниот директно од Mac.

messages_hero_large

За да можете да ја користите Continuity функцијата, потребно е да сте корисник на Mac компјутер кој што може да биде надграден на најновата верзија од OS X оперативниот систем, односно 10.10 Yosemite. Инсталирањето на Yosemite и iOS 8.1 ја овозможува функцијата.

Втора поголема работа која што станува достапна со iOS 8.1 e Apple Pay системот најавен на претставувањето на новите iPhone 6 модели. Овој систем кој што овозможува плаќање на производите со користење на мобилните телефон, наместо платежните картички, е достапен за новите iPhone 6 модели кои што доаѓаат со NFC чип. Исто така на почетокот Apple Pay ќе биде достапен само за корисниците во САД, па по развивањето во текот на годините, се очекува негово проширување во останатите земји.

Останатите промени кои што доаѓаат со iOS 8.1 ги вклучуваат и следните:

  • Подобрување на апликацијата за фотографии, како и враќање на Camera Roll албумот во неа
  • Исправка на проблеми со Wi-Fi конекцијата
  • Можност за избор помеѓу 2G, 3G или LTE мрежа кога користите мобилен интернет
  • Passbook поддршка за AirDrop
  • Можност за пристап до податоци во позадина за HealthKit апликациите
  • Повеќе подобрувања на перформансите, режимот за лица со проблеми со видот и слично

Извор: Geek, Ubergizmo

Претходна статијаSkype воведува можност за цртање во пораките, на почеток достапна само на Windows Phone
Следна статијаПовратен слух кај глувци со стимулирање на излачување на протеин
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.