Микроскопски приказ од ткиво од внатрешното уво на глувците прикажува како „ленти“ синапсите (црвени) ги остваруваат врските меѓу ушните влакненца (плави) и врвовите на нервните ќелии (зелени) кои понатаму одат во мозокот. (Преземено од Корфас лабораторија – Универзитетот од Мичиџен)

Научниците од Кресге институтот за истражување на слухот при Универзитетот од Мичиген и од Харвард Универзитетот, демонстираа зацелување на слухот кај глувци на кои намерно им бил оштетен за експериментот. Ова тие го имаат остварено преку стимулација на лачењето на одреден протеин НТ3 во специјалните „ленти“ синапси во ушите на глувците.

Инаку т.н. „ленти“ синапси постојат само во очите и внатрешното уво, а во увото имаат задача да бидат еден вид на помошници за микроскопските слушни влакненца, кои пак се движат под влијание на звучните вибрации во течноста на ушното „полжавче“. Овие синапси ја остваруваат врската меѓу слушниот нерв и ваквите влакненца и овозможуваат екстра-брзо да се пренесуваат сигналите кои влакненцата ги создаваат. Тие оваа брза комуникација ја остваруваат со тоа што прават минијатурни празнини меѓу двата типа на ќелии. Но со староста или со изложеност на гласна музика и звучно загадување може да се случи да им се намали бројот на ваквите синапси. Во таквиот случај луѓето и животните имаат оштетување на слухот кој оневозможува правилна координација во просторот и ја отежнува комуникацијата.

Ваквите „ленти“ синапси се создаваат со помош на НТ3 протеинот кој научниците, користејќи специјална генетска техника наречена „условена генетска рекомбинација“, успеале да го стимулираат да се лачи повеќе. Со тоа тие постигнале да се заменат оштетените вакви синапси со нови и слухот се повратил до значително ниво кај експерименталните глувци во споредба со тие кои не добиле ваква терапија. Сега тимот од научници се насочени кон барање лекови кои можат да стимулираат лачење на НТ3 протеинот за да се оствари истото и кај луѓето. Тие успеале да го стимулираат создавањето на НТ3 користејќи го лекот тамоксифен, а потоа ги тестирале глувците користејќи ја стандардната техника за испитување на слухот наречена „аудиторен одговор на мозочното стебло“ (auditory brainstem response).

Од делумен или целосен губиток на слухот страдаат 360 милиони луѓе низ целиот свет. Главните причини за губењето на слухот се константна изложеност на интензивни звуци (т.н. звучно загадување), нагло менување на јачината на звукот во нашата близина (на пример, при експлозија или многу гласен почеток на некоја песна), посетување забави и журки без соодветна слушна заштита (ушни тампони) и старост. Половина од сите случаи на губиток на слухот се третираат со превентивна заштита. Но досега не е пронајден добар начин да се врати слушањето кај луѓе кои го имаат изгубено поради физички деформации во увото (како што е губењето на НТ3 протеинот поради изложеност на опасни нивоа на звук).

Ваквите наоди од научниците даваат надеж за пронаоѓање на терапија која ќе може да го врати нормалниот слух кај луѓето кои го изгубиле поради најразлични причини за да можат да продолжат да функционираат без проблеми во нивниот секојдневен живот. Ваквите вести веројатно ќе бидат начекани со оптимизам и од луѓето кои се занимаваат професионално со музика и звук бидејќи тие често се изложени на нездрави нивоа на звук кој делува негативно на нивната алатка за работа – ушите.

Извор: MedicalExpress

Претходна статијаiOS 8.1 достапен за корисниците, донесува поддршка за Continuity и Apple Pay
Следна статијаMarkO се бори за првото место на Community Award натпреварот на годинешниот Pioneers Festival