iMac, можеби најпознатиот се-во-едно компјутер во светот, последен пат беше надграден во 2021 кога 24 инчната верзија го доби тогаш новиот М1 чип од Apple.

На настанот кој се одржа денеска по полноќ, iMac доби освежување, па повторно само 24 инчната верзија го добива новиот М3 чип.

Овој компјутер во главно останува ист, па главната промена е кај чипот, иако тоа и не е баш мала промена, посебно кога ќе се земе во предвид дека доаѓа после повеќе од две години.

М3 чипот на iMac му донесува доста големо подобрување на перформансите, а Apple истакнува дека новиот компјутер е дупло побрз од претходната верзија, а 2,5 пати ако се спореди со последната 27 инчна Intel верзија.

М3 iMac 24 инчен доаѓа со истиот број на процесорски јадра, односно 8, но секако тие се доста побрзи и направени на 3nm архитектура. Графичките јадра се едно повеќе, па сега ги има 8, а заедничката меморија сега може да се избере до 24GB.

Секако главната новина која ја добива iMac од новиот М3 чип е графиката. Покрај големото подобрување во споредба со М1, овој чип донесува нова генерација од графичкиот процесор кој за првпат кај Mac донесува поддршка за „ray tracing“ и „mesh shading“.

Покрај подобрувањето за „гејмерите“, кои сепак не се многу на Mac, големо подобрување добиваат и дизајнерите, 3Д дизајнерите и слично.

iMac ја задржува големината на екранот од 24 инчи, како и резолуцијата од 4,5К. Тоа што изненади е што Magic Mouse и Keyboard го задржуваат Lightning приклучокот, па не беа надградени на USB-C како што се очекуваше. Apple изгледа не сака каблите на корисниците наеднаш да станат непотребни.

ИЗВОРApple
Претходна статијаM3 серијата на чипови од Apple ја донесува 3nm архитектура кај Mac компјутерите и нова генерација на графичкиот процесор
Следна статијаРаботилници за врсничко насилство за учениците во Гевгелија во рамки на кампањата на „Макпетрол“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.