Apple денеска, во еден часот после полноќ по македонско време, го одржа нивниот „застрашувачки брз“ настан, кој повторно беше само онлајн, а овој пат беше и доста краток.
На настанот како што се очекуваше беше претставена наредната генерација од доста успешниот чип од компанијата. Претставени беа M3 чипот, а овој пат заедно беа претставени и посилните верзии, M3 Pro и M3 Max.
Како главна новина кај M3 серијата е големото подобрување кај графиката, иако Mac се’ уште не успева да ги привлече студијата за игри, а со тоа и „гејмерите“. Сепак, Mac за првпат добива поддршка за одличните „ray tracing“ и „mesh shading“, а подобрувањата ќе бидат важни за една категорија на корисници кои сепак ги има доста, а тоа се дизајнерите, односно корисниците кои работат со графика генерално.
Од компанијата исто така посебно ја истакнаа оваа нова генерација од графичкиот процесор, а тука е според Apple првата на пазарот „dynamic caching“ функција која и ги донесува новините за корисниците.
Оваа функција прави распределба на меморијата во вистинско време со доделување на точната потреба на меморија која секоја задача ја бара. Apple истакнува дека ова донесува до драматично зголемување на просечното искористување на графичкиот процесор, а со тоа се зголемуваат и неговите перформанси.
М3 серијата донесува уште една новина за првпат, а тоа е 3nm архитектура. Со тоа се зголемува ефикасноста на веќе ефикасните чипови, а Apple успева да остане на врвот со се посилната конкуренција.
Подобрувањата кај процесорот не се толку големи, а тоа можеше да се види и од споредбата со М1 чипот која Apple повеќе ја истакнуваше и нагласуваше колку е напреднат чипот во само две години.
Подобрувањето на јадрата за подобри перформанси е 30% во споредба со М1, но во споредба со М2 е 15%. Кај јадрата за заштеда на енергија подобрувањето е 50% во споредба со М1, а истото и не е така мало во споредба со М2 и изнесува 30%.
М3 серијата донесува и поддршка за AV1 „кодекот“, со што треба да се подобрат пеформансите и ефикасноста при стирминг на содржина, меѓу другото.
Што се однесува до бројот на јадра и меморија, карактеристиките на новата М3 серијата се следни:
M3 | M3 Pro | M3 Max |
---|---|---|
До 8 процесорски јадра | До 12 процесорски јадра | До 16 процесорски јадра |
До 10 графички јадра | До 18 графички јадра | До 40 графички јадра |
До 24GB заедничка меморија | До 36GB заедничка меморија | До 128GB заедничка меморија |
M3 чиповите ќе работат на новите MacBook Pro 14 и 16 инчи, како и на iMac 24 инчен, кој првпат добива освежување од пред две години.