Сите го знаеме чудото од претприемач Елон Маск. По создавањето на компанија за приватни вселенски летови, најразвиената компанија за електрични возила Тесла, занимавањето со последиците од вештачката интелигенција и праќањето луѓе на Марс, Маск во меѓувреме издаде труд кој се занимава со супербрз земјен транспорт. Неговата идеја тој ја има наречено Хајперлуп (Hyperloop) и се работи за систем на надземни туби кои се држани под благ вакуум. Со овој факт ваквиот начин на транспорт ќе овозможува скоро неверојатни брзини на транспорт од околу 1200 км/ч.
Маск го објави својот труд во 2013 г., но не се зафати да ја оствари идејата. Но наскоро по објавата, една група на инженери се собра и ја создаде компанијата Хајперлуп Транспортејшнс Текнолоџис Инкорпорејтед (Hyperloop Transportations Technologies Inc.; понатаму ХТТИ). Оваа компанија има за цел да ја оствари идејата на Маск за Хајперлуп.
Интересното е што оваа компанија нема стандарден тип на организација и извршување на работи. Инжинерите кои се внатре работат без плата, а ќе добијат (потенцијално огромна) исплата ако компанијата во иднина направи профит. Затоа повеќето од нив веќе работат на други работни места, но посветуваат дел од своето време на развивање на Хајперлупот.
Тие досега успеале да ја дизајнираат цевката и да ги осмислат многу од дизајните за „вагоните“, начинот на отворањето на вратите без да истече воздухот (што како дизајн го подобриле од тој на Маск) и слично. Во моментот работат на студија за техничката изведливост што треба да биде готова до 2015 г.
Инаку, вагоните се дизајнирани така што луѓето кои влегуваат во нив седнуваат во т.н. балон со воздух кој потоа е затворен од поцврста школка. Оваа комбинација потоа патува низ цевката со огромна брзина, која според желбата на Маск би требало да овозможи патување од Сан Франциско до Лос Анџелес за 35 минути (далечина од околу 600 км).
ХТТИ сега работат на градење на прототипови кои работат, а се надеваат на постигнување на минијатурна верзија од Хиперлупот во следната деценија. Според нив изградба на Хиперлуп од околу 600 километри ќе чини од 6 до 10 милијарди долари.
Извор: Extremetech