Фото: Shutterstock.com

После одреден период на очекување, Министерството за Правда на САД поднесе тужба против Apple и нивното „монополизирање на пазарите на смартфони“. Ова може да се поврзе и со новите закони кои ги донесе Европската Унија наменети да се „справат“ со ваквиот и сличен однос на големите ИТ компании, меѓу кои и Apple.

Тужбата очекувано „се фаќа“ за работите како отежнувањето кое Apple наводно го прави за корисниците при префрлувањето на конкурентните смартфони, недозволувањето на апликации за „стриминг“ на игри, недостапноста на апликации за други паметни часовници, ограничување на пристапот до NFC чипот и уште цела листа.

Во неговиот неделен билтен, Марк Гурман се осврнува на тужбата која е поднесена од Министерството за Правда и смета дека истата се концентрира на застарени и неважни работи, а со тоа се пропушта шансата да се адресираат посериозните проблеми кои доаѓаат од Apple.

„И покрај пријателскиот имиџ што го негува Apple, таа е доста „тврда“ компанија зад сцената. Само прашајте ги многуте добавувачи што Apple ненадејно ги отфрли или програмерите кои ги остави без работа.“ – пишува Гурман.

Тој продолжува да објаснува дека дел од работите кои се дел од тужбата се веќе решени или се во процес на решавање. Тој истакнува дека најголемиот проблем на тужбата е што истата не успева да покаже дека Apple им има наштетено на нивните корисници и непотребно се обвинува дека тие се натерани да продолжат да ги користат производите, без да се земе во предвид можноста дека тие ги сакаат производите од компанијата.

Гурман исто така смета дека дел од работите во тужбата се оправдано ставени, па ги истакнува проблемот за користење на други паметни часовници со iPhone, како и непотребното блокирање за користење на NFC чипот, нешто што се поврзува со безбедноста на корисниците, а во суштина е само желба да се користи само Apple Pay системот од кого компанијата има заработка.

Во објавата Гурман пишува и за информациите дека Apple е во преговори за користење на Gemini од Google, а и од конкурентите, за нивниот „четбот“ кој треба да биде дел од iOS 18. Како причини за оваа одлука на Apple тој ги истакнува трошоците за одржување на една ваква функција, како и проблемите кои се појавуваат, а кои можат да ги префрлат на другите компании, наместо кај себе.

Постои можноста Apple да не додаде „четбот“ како што се најавува и да ги користи само сопствените големи јазични модели кои функционираат од уредот, но најверојатно шансите за тоа се мали.

Претходна статијаДвомесечен курс за цртање и сликање за возрасни
Следна статијаСемос Едукација трета година по ред на 31 март на Средно Водно ја организира трката Semos Education Run 10KM
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.